Јавна расправа по Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија
По усвојувањето од страна на Советот на Општина Гевгелија,
Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година се наоѓа на јавна расправа. Во наредните две недели, граѓаните по електронски пат и во непосредни средби во Месните заедници и на јавни трибини, ќе можат да дадат предлози, сугестии и забелешки. На тој начин тие ќе се вклучат во дефинирањето на финансиската политика на Општината во наредната година. Нацрт-Буџетот е поставен на веб-страната на Општина Гевгелија, каде што истовремено ќе биде поставена и јавна анкета за предлози и забелешки по Нацрт-Буџетот.
Покрај ова предвидени, се средби на Градоначалникот на општина Гевгелија со граѓаните во месните заедници, како и јавна трибина во Гевгелија. По јавната расправа, се очекува Предлог-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година, пред крајот на годината, повторно да се најде пред советниците за конечно усвојување.
Вкупниот Буџет на Општина Гевгелија за 2022 година е проектиран на 459.635.291 денар, а Основниот буџет на 214.802.359 денари. Покрај приходите на Основниот буџет, во структурата на Вкупниот буџет се приходите на дотации во износ од 226.832.932 денари, на донации од 4.000.000 денари и на приходите на самофинансирачките активности во износ од 14.000.000 денари. За капитални расходи во Основниот буџет се предвидени 69.650.000 денари или 32,43%.