Андон Сарамандов: „Гевгелија повторно да биде најперспективното место за живеење“
- Гевгелија е град со изградени морални вредности и знам дека тоа
многумина го препознаваат и ценат кај мене. Затоа, планирам и ќе настојувам да работам и творам, пред се, за своите сограѓани и на тој начин да вратам за сите добрини кои ми ги пружи мојот роден град. Ваквата верба треба да ја повратиме кај сите мои млади сограѓани, бидејќи тие се нашата иднина. Затоа и мој приоритет, за кој силно се залагам, е да застане трендот на иселување на младите од општина Гевгелија. Секој млад човек заслужува да добие шанса да работи и да биде успешен во своето родно место, истакна во интервјуто за „Гевгелиски магазин“, веднаш по неговиот избор, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Притоа, објасни по што ќе се разликува од своите пет претходници:
- Со својата местоположба и природни ресурси на Гевгелија и е потребна стратегија за развој на туризмот и искористување на сите туристички потенцијали. Како и зголемување на зелените површини и спортски и рекреативни терени за дружење и рекреација, бидејќи тоа е предусловот за здрава популација. Имам конкретен план и подготвеност, со многу работа и залагање, заеднички со новоизбраниот Совет, општинската администрација и сите сограѓани да се избориме општина Гевгелија повторно да биде најперспективно место за живеење во земјава.
Во врска пак со наредните активности и проекти, Сарамандов најави дека се прават напори за профункционирањето на Времената депонија до крајот на годината, потоа, завршување со асфалтирањето на собраќајницата кај Милци која ќе обезбеди алтернативно поврзување на Гевгелија со граничниот премин „Богородица“. Исто така, доизградба на последната делница од патот за Ума, за што веќе е постигнат договор во Советот за рамномерен развој, како и реконструкцијата на Младинскиот дом во Прдејци, која веќе започна. За реализација на доделениот германски грант од 2,5 милиони евра преку KFW банката веќе е потпишан договор со изведувачот - фирмата „Жикол“ и почетокот од наредната година се очекува да започне изградбата на водоводни линии за Богородица и граничниот премин, за Негорци и за Прдејци, потоа, сепарација на постојната канализациона мрежа и изградба на атмосферска канализација во јужниот дел од градот, како и дигитална опрема за ЈПКД „Комуналец“.
Во интервјуто за „Гевгелиски магазин“ Андон Сарамандов упати благодарност до своите сограѓани за поддршката и им порача:
- Дадената доверба, за мене претставува голема обврска и одговорност. Но, и поттик веднаш да пристапам кон спроведување на ветеното, бидејќи тоа беше искрено и реално. Зеднички можеме да направиме Гевгелија и општината да бидат подобри за сите нас. Им посакувам на сите да останат во добро здравје и убаво расположение.