Општина Гевгелија започнува со целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување со лед-сијалици
Разгледувајќи ги сите можности за заштеда на електрична енергија
и за намалување на висината на сметките за плаќање за потрошена електрична енергија, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, донесе одлука за целосна реконструкција на уличното осветлување, бидејќи тоа ќе резултира со намалување на трошокот за електрична енергија. Во населеното место Прдејци деновиве се заменети сите сијалици, акција која ќе продолжи насекаде во општина Гевгелија.
Исто така, по направените консултации со надлежните, во тек е спроведување и на други мерки за заштеда на електрична енергија, ќе се воведат рестриктивни мерки, односно делумни исклучувања во мрежата на јавното осветлување. И тоа на сообраќајниците- булевар „Гевгелија“ и улицата „Миле Пецанов“, така што канделабрите од вечерва (17 декември, 2021 година) ќе работат на принципот преку една сијалица. Засега, нема да има рестрикции во уличното осветлување на останатите сообраќајници.
Со ваквиот пакет-мерки на Општина Гевгелија, значително ќе се намалат трошоците за потрошена електрична енергија.