Со поголема ангажираност до подобар квалитет на услугите кон граѓаните
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
на денешниот редовен состанок со раководителите на општинската администрација, како и раководните лица на ЈПКД „Комуналец“ и ТППЕ- Гевгелија, информираше за последиците од енергетската криза, поточно, зголемените трошоци за електрична енергија. Притоа, нагласи дека најбрз начин за заштеда на електричната енергија што може да го направи Општината е замената на натриумовите со лед-сијалици во уличното осветлување, која е во тек.
Исто така, Сарамандов го информираше Стручниот колегиум за одржаниот состанок со претседателите на Месните заедници, во рамките на јавната расправа по Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија во 2022 година. Притоа, ги пренесе предлозите и барањата на Месните заедници, од кои дел ќе бидат вградени во буџетските програми, а кои, главно, се однесуваат на подобрување на условите за живот во населените места. Значаен поттик за тоа, секако, ќе има германскиот грант преку KFW банката, чија реализација започнува на почетокот од идната година. Со доделените 2,5 милиони евра, покрај другото, ќе биде значително подобрено водоснабдувањето во Негорци и Прдејци, преку поврзување на овие две населени места со новиот водоснабдителен систем во Гевгелија, нагласи Сарамандов. Исто така, ќе биде изградена нова водоводна линија до населеното место Богородица и граничниот премин „Богородица“.
На стручниот колегиум беше укажано на потребата од поголема ефикасност и ангажираност на сите одделенија и ЈПКД „Комуналец“ во навременото одговарање и постапување по пријавените барања од страна на граѓаните преку Систем 48, кој повторно е функционален. Посебно, беше нагласено дека сите вработени и раководители во општинската администрација се обврзани во рок од 48 часа на граѓаните да им одговорат за пријавените барања, нивното решавање или поведена постапка за решавање. На тој начин, значително ќе се подобри не само комуникацијата со граѓаните, туку и квалитетот на услугите кон граѓаните.