Андон Сарамандов: „Секој што може да помогне за Општината е добредојден“
- Само со многу работа ќе успееме да ја вратиме вербата на граѓаните,
со мотивирана и ефективна администрација ќе ги убедиме младите да не ни бегаат, а со новите инвестиции ќе направиме просперитетна Гевгелија. Во мојата работа нема да се водам по начелата „фати го моментот, узурпирај се, вработи ги своите“. Ќе работам отчетно, транспарентно и во интерес на сите граѓани на општина Гевгелија. Јас сум помлад од моите претходници, амбициозен, мотивиран и што е најважно, планирам да го вклучам целиот човечки капацитет, без разлика на политичката определба, вели во новогодишното интервју за ММС градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, нагласувајќи дека успешен е оној градоначалник кој ќе успее да донесе повеќе пари за својот град. Секој што може да помогне на градот, кај мене ќе биде добредојден, е пораката што новиот градоначалник на Гевгелија, Андон Сарамандов ја упати до своите сограѓани.
Идниот развој градоначалникот на Гевгелија го базира пред се на потенцијалите за развој на туризмот, за што планира основање на засебно одделение за развој на туризмот и потенцијалите на градот. И натаму 20% од давачките на казината што се концентрирани во Гевгелија не завршуваат во Oпштината, туку во државната каса, што треба да се промени во блиска перспектива и тие пари според замислата на Сарамандов, треба да бидат насочени специфично за општинската инфраструктура. Според неговите проценки, во претходниот период пред пандемијата секој ден во Гевгелија доаѓале по 1000-2000 Грци дневно, за викендите двојно повеќе. Само од српските туристи на минување, имало по 700-800 ноќевања. Како што вели, Грците се крвотокот на гевгелиската економија, но тоа сe се смени со пандемијата.
- Пандемијата покажа дека казинскиот туризам во такви услови не носи финансии во градот и мора да бараме алтернативни решенија. Гевгелија е богата со природни ресурси, тука поминува автопат, Коридорот, на 30 километри сме од Дојранското Езеро, планината Кожув, има геотермални води, и затоа акцентот е на развојот на туризмот и искористување на сите потенцијали.
Приоритетна е урбанизацијата на населбата Конско. Таму се извршуваат изведбени работи за браната Конско, а ако оди со оваа динамика, Сарамандов вели дека за една година браната ќе биде изградена, а некаде за две години наполнета. За таму недостасуваат урбанистички планови кои се во фаза на изработка и треба да го спречат дивоградењето на викендички и друга инфраструктура како во минатото. Исто така, потенцијал за развој се геотермални води на потег од село Смоквица до Прдејци, каде има топли води и каде треба да се започне истражување и бушотини. Затоа, во тек се активностите за ажурирање на функционалната анализа во Општината и новата систематизација на работните места, со цел да бидат искористени сите човечки потенцијали и се формира посебно Одделение за туризам.
Од планираните проекти за 2022 година, Сарамандов ги посочува приоритетните:
- Од 214 милиони денари основен буџет, 35% се планирани за капитални расходи. Покрај замената на уличното осветлување, планирано е пуштено во употреба на времената депонија во Ново Конско. Потоа пуштање во реализација на грантот на КФ банката и атмосферската канализација во градот Гевгелија и обезбедување на водонсабдителни системи во село Богородица, Негорци и Прдејци. Следно е започнување на доградбата на детската градинка „Сончогледи“. Прво беше најавена нова, но урбанистичкиот план каде таа требаше да биде изградена не е готов. Планиран е асфалтен пат од 800 метри до село Ума и низа други помали проекти“, вели Сарамандов.
Еден од поголемите проекти што ги содржи неговата програма е роконструкцијата на целосно руинираниот објект на ДТС „Партизан“. Иако изминатите години многу средства биле потрошени на спортската инфраструктура, на пет минути од центарот на Гевгелија како лош спомен на минатите времиња стои нефункционалната зграда на „Партизан“ со искршени прозорци и оставена на забот на времето.