Лани, регистрирани 191 пожар
Во Општина Гевгелија, во текот на 2021 година, се регистрирани
191 пожар, што е за 57 пожари повеќе во споредба со претходната година. Најголем број на пожари 126 пожари биле на отворено, 39 пожари биле на објекти, а на сообраќајни средства имало 5 пожари. Исто така, имало 9 технички интервенции, како и други 12 интервенции.
Од ТППЕ- Гевгелија, апелираат граѓаните да ги исчистат оџаците и да извршат проверка на исправноста на електричната инсталација и грејните тела, како би се заштителе од пожар. Покрај тоа, препорачливо е да не се оставаат сијаличките од новогодишните елки да горат преку целата ноќ, внимателно ракување со електричните апарати и да не се користат петарди во затворени простории.
Инаку, при предновогодишната средба на градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, со вработените во ТППЕ- Гевгелија, беше нагласена потребата од натамошно зголемување на возниот парк и доопремување на пожарникарите. Имено, гевгелиските пожарникари наскоро ќе добијат комплетна специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари. Станува збор за опрема обезбедена преку Југоисточниот плански регион од ИПА-ППС со Бугарија. Исто така, ТППЕ-Гевгелија, до крајот на 2022 година, треба да добие мало противпожарно возило во рамките на проектот на ЈИПР одобрен од ИПА-ППС со Грција. Сарамандов ги информираше пожарникарите и за другите активности во Општината со цел да се зголеми противпожарната заштита.