Поставена метеоролошка куќичка во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија
Преку светската научна и образовна GLOBE-програма,
во дворот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија е поставена метеоролошка куќичка со потреби инструменти, со чија помош учениците средношколци прават секојдневни мерења од областа Атмосфера. И тоа, за мерење на: моменталната температура на воздухот, минималната и максималната температура во текот на едно деноноќие, влажноста на воздухот, атмосферскиот притисок и врнежите. Се набљудува небото и се забележуваат видовите облаци и кондензацијата. Преку директните мерења и внесувањето податоци во ГЛОБЕ- серверот, учениците во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија преку нивните локални откритија, заедни со други ученици и научници од целиот свет, ја дополнуваат сликата за животната средина на земјината топка. Ваквите мерења имаат вистинско научно значење, важно за глобалните визуализации (глобалната свест). Освен наведените мерења, се планирани и мерења од областите Вода, Фенологија и Глобе ноќе. Координатор на проектот е професорката Марија Танева, додека пак професорите Сашко Колев, Зорица Лешевска и Снешка Аризанова секој од својата област заедно со учениците има задача секојдневно да врши мерења и испитувања.
Имено, Globe е светска научна и образовна програма која ја координира работата на учениците, наставниците и научниците со цел да се проучува и разбере глобалната животна средина. Програмата претставува меѓународно партнерство, во кое се инволвирани земји од целиот свет, а ја води Владата на САД преку партнерства со други земји. СОУ„Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија е ГЛОБЕ училиште и учениците со своите ментори реализираат истражувања и мерења од повеќе области интегрирани во оваа прграма. Оваа програмата е иницирана во 1994 година од страна на американскиот потпредседател Ал Гор и официјално отпочна на 22 април, 1995 година, на 25- годишнината на Денот на Земјата.