Иле Илиевски од Давидово го фати Чесниот крст во осветените води на Варад
Иле Илиевски, од населеното место Давидово од општина Гевгелија,
беше најуспешниот и најсреќниот пливач во реката Вардар, кој на Водици го фати Светиот крст. Ова 31-годишно момче, кое првпат скокаше во водите на Вардар за да го извлече крстот, беше најбрз меѓу пријавените 10-тина пливачи кои пливаа во реката Вардар, веднаш под Мостот кај мотелот „Вардар“.
- Првпат учествувам и сум многу радосен што ми се посреќи да го извадам крстот од осветените води на Вардар. Утринава, бев во црквата „Свети Кирил и Методиј“ да запалам свеќа за здравје и среќа, и, еве, Бог ми помогна да го фатам Чесниот крст. Мојата радост и вербата во Бога со своите другари ќе ја пренесам во сите христијански домови во Гевгелија, истакна Илиевски.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, на сите граѓани им го честиташе празникот Богојавление- Водици, а на среќниот скокач во Вардар и фаќач на крстот му подари лаптоп. Илиевски доби и подароци од фирмата „Зегин“- телевизор и од компанијата „Евротип“- перална.
На фрлањето на чесниот крст во осветените води на реката Вардар, кај Гевгелија, присуствуваа илјадници граѓани на Гевгелија и други гости. И, годинава, за успешноста на манифестацијата што ја организираше Гевгелиското парохиско намесништво, покрај задолжителниот лекарски преглед на сите пливачи пред влегувањето во водите на Вардар, беше организирана и спасувачка екипа, која немаше потреба да интервенира.