Со донесување на ДУП за УБ 16 се урбанизираат 35 хектари во Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија, на денешната седница
го усвои Деталниот урбанистички блок за Урбан блок 16 во Гевгелија. По подолго време, се случува со донесувањето на еден ДУП да биде заокружена постапката околу урбанизирањето на дел од површините во градската периферија. Што е уште позначајно, со донесувањето на ДУП за УБ 16, им се овозможува на инвеститорите да ги реализираат своите проекти како за станбени, така и за туристичко-трговски капацитети.
Станува збор за еден од поатрактивните блокови во Гевгелија, кој на исток граничи со улицата „7 ноември“, а на југ со сообраќајницата која води до Затворот, поточно површините спроти Мрзенскиот рид. Со ДУП-от се урбанизираат катастарските парцели кои зафаќаат површина од 35,11 хектари. Намената на овој простор предвидена со планот е изградба на објекти за домување во станбени куќи и згради, за големи трговски и хотелски капацитети и објекти за мали комерцијални намени, како и потребната комунална инфраструктура.
Со донесувањето на овој ДУП на сопствениците на земјиште и на локалната самоуправа ќе им се овозможи реализација на планираните инвестициони проекти. Покрај овој ДУП, градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов, најавува дека наскоро пред Советот на Општина Гевгелија на усвојување ќе се се најдат и неколку други урбанистички планови, кои подолго време чекаат за согласност. Со тоа всушност се обезбедуваат неопходните предуслови за урбанизирање на просторот од што зависи и идната инвестициона активност. Поточно, на сопствениците на приватното земјиште им се овозможува да ги реализираат своите проекти, а на општината да ја исполни една од основните цели - создавање поволни услови за локален економски развој, нагласи Сарамандов.