Акција за едукација и примена на заштитните мерки од КОВИД-19 во сите училишта
Општина Гевгелија, во соработка со
Општинската организација на Црвениот крст во Гевгелија, поради влошената епидемиолошка состојба, започна со волонтерска акција во сите основни училишта и во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во општината за поголема заштита на учениците од КОВИД-19. На последната средба на градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, со директорите на училиштата за полесно спроведување на наставниот процес со физичко присуство во услови на пандемија, беше укажано на потребата од организирање акција за поголема, превенција и заштита на учениците во сите образовни институции во општина Гевгелија. И тоа, со вклучување на волонтери на Општинската организација на Црвениот крст, кои ќе им помагаат на учениците во примената на заштитните мерки од КОВИД-19 и почитување на протоколите за организирање настава со физичко присуство во услови на пандемија.
За таа цел, од страна на Општина Гевгелија и Црвен крст- Гевгелија се изработени едукативни постери, кои се поставени на училишните влезови, преку кои учениците се потсетуваат на заштитните мерки и на правилното движење и однесување во и надвор од училишните простории за заштита од КОВИД-19. Во спроведувањето на овие заштитни мерки учествуваат волонтери од Клубот на младите на Општинската организација на Црвениот крст во Гевгелија. Младите волонтери, всушност, им помагаат на учениците во примената на заштитните мерки и со своето присуство придонесуваат за поголема заштита на учениците во основните училишта и СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Општина Гевгелија, кои наставата ја следат со физичко присуство.