6 седница на Совет на Општина Гевгелија: Усвоени Програмите за спорт, култура и социјална заштита
Советот на Општина Гевгелија, на денешната 6 седница,
ги усвои двете Програми за финансирање проекти и активности од областа на спортот и културата интерес на општина Гевгелија, за 2022 година. Имено, годинава, согласно Програмите, ќе бидат поддржани 41 апликант кои ќе реализираат активности од областа на културата и 40 апликанти кои ќе реализираат активности од областа на спортот. Буџетот за реализација на Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата од интерес на општина Гевгелија изнесува 1.600.000 денари, а за Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија- 7.500.000 денари.
Членовите на Советот на општина Гевгелија ја усвоија и Програмата за финансирање проекти, манифестации и значајни настани на Месните заедници во општина Гевгелија за 2022 година, утврдена на 200.000 денари од Буџетот на Општина Гевгелија. Како и Програмата за активностите на Општина Гевгелија во областа на социјалната заштита и заштита на децата за 2022 година. Покрај постојните мерки предвидени за реализација во претходните години, годинава, Програмата е надополнета со две нови мерки- додаток за домување на жители на општина Гевгелија и превентивни активности, едукација и третирање проблеми во вербалната комуникација кај децата. За чија реализација се предвидени 3.500.000 денари од Буџетот на Општина Гевгелија.
Советот, на денешната седница, едногласно ги прифати Инијативата за за изработка на Урбанистички проект вон опфат на Урбанистички план за КП бр. 583 КО Ново Конско, Општина Гевгелија и Иницијатива за изработка на Урбанистички проект вон опфат на Урбанистички план за КП бр. 543/1, дел од КП 543/2, КП 543/3, КП 544 И КП 546/1 КО Богородица, општина Гевгелија, за кои трошоците се на товар на подносителите. Советничкиот состав, исто така, донесе Одлука за донесување на План за измена и дополнување на ДУП за дел од блок 10.5, општина Гевгелија, плански период 2019-2024 година, со цел да се создадат услови за планирање на организирани простори за градба кои ќе бидат реализирани од страна на сопствениците на земјиштето и локалната самоуправа, со намена за домување во станбени згради, комунална инфраструктура и заштитно зеленило.
Членовите на Советот на Општина Гевгелија беа информирани за преземените мерки за заштита и справување со пандемијата од КОВИД-19 во општина Гевгелија. Во јавната расправа по оваа информација учествуваа Патрик Матх, претседател на Советот на Општина Гевгелија и доктор во ЈЗУ Општа болница Гевгелија во замена на директорот на Општата болница, епидемиолог д-р Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевелија, како и градоначалникот на општина Гевгелија и командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување- Гевгелија, Андон Сарамандов. Според податоците од Општата болница, во моментот, состојбата во Општата болница со третманот на пациенти, како и дневни лекарски прегледи и дневен третман, е стабилизирана за разлика од минатата недела кога беа исполнети сите капацитети и ресурси во борбата со КОВИД-19. Но, и покрај стабилизираната состојба, на седницата се апелираше до граѓаните на општина Гевгелија за доследна примена на постојните мерки за заштита од КОВИД-19, пропишани од Светската здравствена организација и Министерството за здравство.
Исто така, Советот на Општина Гевгелија донесе и Одлука за емитување на седниците на Советот на Општина Гевгелија во живо.