1.600.000 денари од Буџетот на Општината за поддршка на активности од областа на културата
Општина Гевгелија, и годинава, со финансиска поддршка од
1.600.000 денари од Општинскиот буџет ќе настојува да го збогати културниот живот во општината. Советот на Општина Гевгелија, на својата 6 седница, ја донесе Програмата за финансирање на програми и проекти од областа на културата во 2022 година, според која буџетските средства ќе бидат распределени на 41 подносител на апликации. Имено, на објавениот Јавен конкурс се пријавиле 49 апликанти, односно, културни установи, здруженија и поединци со свои проекти.
При распределбата на средствата, се водеше сметка Општината да овозможи продолжување на традицијата и одржување на културни настани кои ќе ги задоволат очекувањата на гевгелиската публика, а во исто време ќе се почитуваат сите пропишани превентивни мерки за заштита од КОВИД-19. Тоа, секако, претпоставува нови форми на добро познатите и прифатени низ годините наназад на: „Смоквијада“, „Меѓународен натпревар за млади пијанисти“, „Распеана чаршија“, „БОШ ФЕСТИВАЛ“, активностите на Градскиот мешан хор „Гортинија“, фолклорните уметнички друштва и сл. Но, и на апликантите со нови културни содржини кои ќе придонесат во развојот на културата во општина Гевгелија.