30 деца се пријавиле за логопетски третман
30 дечиња од општина Гевгелија со проблеми во вербалната комуникација
се корисници на услугата- бесплатен логопетски третман во ЈОУ Работнички универзитет „Кирил и Методија“- Гевгелија. Имено, по иницијатива на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, беше распишан Јавен повик, на кој 30 дечиња биле пријавени за користење на услугата. Која, годинава, како мерка е опфатена во Програмата за социјална заштита и заштита на децата. Давател на услугата е Тања Ангелкова, која дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје и се здобила со звањето логопед.
- Логопетската превентива е значаен дел од логопетската дејност што овозможува навремено откривање и отстранување на говорните проблеми. Со тоа што се отстрануваат говорните проблеми, исто така, и се оневозможува да се појават секундарните психолошки и емоционални проблеми, како и проблемите во социјалната адаптација на децата, вели Ангелкова.
Во однос на отстапувањата во говорниот развој постојат многу видови на говорни и јазични нарушувања кои се дефинираат како нарушувања на комуникација, развојно растројство на говорот и јазикот, специфично растројство на говорната артикулација, пелтечење како и нарушувања на гласот. За жал, не постои детален податок во општина Гевгелија колку се застапени отстапувањата во говорот кај дечињата.
- Логопедот и навремената консултација со истиот се од големо значење, поточно, тоа придонесува да дознаете дали Вашето дете има одредени говорни отстапувања, односно дали доцни во одредени говорни сегменти и на кој начин би можело тоа да се надмине. Кога е вистинско време? Тогаш кога родителот ќе забележи било какви неправилности во говорот на своето дете. Постојат голем број на методи и техники кои ги користат логопедите, така што логопедот одлучува кои од истите да ги примени. Најважно од сè е да бидеме трпеливи бидејќи говорниот развој на детето е процес. Секое дете има свое темпо во напредување. Верувајте во него!“, советува Тања Ангелкова.