Со првиот потег во шаховска партија, градоначалникот Сарамандов го означи работењето на Шаховскиот клуб „7 Ноември“
Со симболично повлекување на првиот потег во партијата
против секретарот Слободан Дачев, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, свечено го означи почетокот на работата на новоформираниот Шаховски клуб „7 Ноември 2021“ во Гевгелија.
Пред голем број на љубители на шахот, на пуштањето во употреба на просторијата за шах, претседателот на клубот, Петар Танчев, најнапред искажа задоволство што после цели 25 години во Гевгелија повторно ќе заживее Шаховскиот клуб „7 Ноември. Тој изрази благодарност до градоначалникот Сарамандов, по чија иницијатива се реактивира овој Клуб. И до Општина Гевгелија за доделените средства преку Програмата за финансирање на спортските активности, за набавка на потребната опрема и отстапената просторија во зградата, каде порано функционираше Месната заедница „Нов дом“, позади стариот Извршен совет.
- Главна цел на овој Клуб ќе биде работата со младите, за што ќе се отвори и шаховска школа за пионери и младинци, кои ќе навлегуваат во сите тајни на оваа древна игра. Секој месец, ќе се организираат брзопотезни турнири, а на крајот на годината, најдобриот ќе биде прогласуван за најдобар шахист на Општина Гевгелија, истакна Танчев.
Во минатото, доста популарна игра меѓу гевгеличани беше шаховската игра. Градската шаховска екипа „Ново поколение“, односно „7 Ноември“ во еден момент броеше и над 100 членови. Инаку, основач на овој Клуб во 1964 година беше познатиот доктор интернист Александар Сингер, кој негуваше блиско пријателство со многу познати југословенски и светски шахисти, а некои од нив, како: Глигориќ, Лазаревиќ, Спаски, Гелер, Ивков и други, играа симултанки во Гевгелија.
Најголем успех во шахот имаат постигнато Живко Јаневски, светски првак во проблемски шах, Венци Попов, кој трипати беше младински првак на Македонија и Ѓорги Прошев. Неколкумина ентузијасти, меѓу кои: Пепи Танчев, Слободан Дачев, Борче Најдески, Борче Танчев, Петар Димов и Славчо Кочев, неодамна повторно го оформија Шаховскиот клуб „7 Ноември“, овој пат под име „7 Ноември 2021“. Претседател на Клубот е Пепи Танчев, а секретар Слободан Дачев.