Отчет на градоначалникот Сарамандов: „100 дена посветено за Гевгелија“
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
даде отчет пред јавноста за сработеното во изминатиот период од стапувањето на градоначалничката функција. Нагласувајќи дека во претходните 100 дена, во општина Гевгелија се реализирани или создадени услови за реализација на 30-тина проекти. Тој, во своето обраќање, истакна:
„Почитувани сограѓани,
Дадената доверба за мене претставува голема одговорност и предизвик, но и обврска веднаш да започнам со посветена работа, за да ги остварам посакуваните промени кои граѓаните јасно и гласно ги побараа на изборите. Нa почетокот од мојот мандат, исполнет со многу предизвици, реализирани се повеќе проекти во општина Гевгелија со цел да се заштитат интересите на граѓаните. Чест и задоволство ми претставува што покажавме дека за само 100 дена нештата можат суштински да се променат кога се работи чесно и одговорно. И тоа, во услови на пандемија и енергетската криза кои се наметнаа како приоритетни задачи.
Затоа, еден од приоритетните зафати, на почетокот од мојот мандат, беше намалување на трошоците за електрична енергија. Извршена е целосна замена на старите светилки со штедливи сијалици на територијата на цела oпштина Гевгелија.
Во изминатиот период, асфалтирана е сервисната улица од локалитет „Милци“ до клучката на граничниот премин „Богородица“, со вкупна должина од 776 метри, со финансиски средства обезбедени од Општина Гевгелија, во вкупна вредност од 9.596.201 денари. Во тек е изградбата на улица „Александар Бел“ во с. Мрзенци, со вкупна должина од 1090 метри и финансиски средства во вкупна вредност од 14.559.666 денари, обезбедени од сопствени средства. Ја завршивме започнатата реконструкција на улицата „Методија Антонов Ченто“ во Мрзенци, во должина од 840 метри, со финансиска поддршка од Светска банка, во износ од 9.996.500 денари. Изминатите денови, извршена е и реконструкција на улици во Моин.
Донесен е ДУП за УБ 16, за поттикнување на локалниот економски развој. Започна реконструкцијата на Младинскиот дом во Прдејци, со доделените средства од ТАВ, а од Општинскиот буџет ќе обезбедиме средства за внатрешно оплеменување и опремување на истиот.
За подобрување на безбедноста и условите за престој на децата во образовните институции - обновено е оградувањето во ООУ „Владо Кантарџиев“ и на Подрачното училиште во Мрзенци, со средства обезбедени од блок-дотации. Заради поголема комунална хигиена, исчистени се дивите депонии во Миравци, Смоквица и Серменин.
Од неодамна, повторно е ставен во функција Систем 48 часа и воведен проектот „Мојапатрола“, за зголемување на ефикасноста во решавањето на пријавените барања од страна на граѓаните. Во континуитет имам отворен ден за средба со граѓаните бидејќи директната комуникација ми овозможува детектирање на секојдневните проблеми во општина Гевгелија. За збогатување на условите за социјалната заштита, воведена е мерката бесплатен третман на деца со проблеми во вербалната комуникација од страна на логопед.
За младите, како водечки столб за идниот развој на општината, спроведени се неколку активности за нивно организирање и образование: формирање на Локално младинско собрание, организирање курсеви по гитара, како и формирање на театарска секција за млади актериод 6 до 14 години. Спроведена е и акција за едукација и доследна примена на заштитните мерки од КОВИД-19, во соработка со ОО Црвен Крст- Гевгелија. На моја иницијатива, повторно е формиран Шаховскиот клуб „7 Ноември“, а Гевгелија е повторно присутна на шаховската мапа во Македонија.
Почитувани,
Со преземањето на функцијата градоначалник, наследив нула основни проекти од претходното раководство и затоа во изминатите 100 дена акцент беше ставен и на изработка на проектна документација за значајни проекти и тоа:
- Основен проект за реконструкција на спортската сала ДТВ „Партизан“;
- Основен проект за изградба на голем урбан парк „Топлик“;
- Основен проект за реконструција на стариот објект на „Винојуг“ во Богородица;
- Основен проект за oплеменување на спортското игралиште на улица „Илинденска“ во Гевгелија;
- Основен проект за изградба на нов пазар во Миравци;
- Основни проекти за реконструкција на старите училишта во Конско и во Серменин;
- Основен проект за реконструкција на старо школо;
- Основни проекти за реконструкција на Mладинските домови во: Моин, Кованец, Ново Конско и Смоквица.
Почитувани сограѓани,
Целта ни е една и единствена - да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните во нашата општина Гевгелија. Ќе покажеме дека со упорност и многу работа оваа наша општина може да биде поубаво место за живеење.
Останете ми во добро здравје.“