Оживеани спомени, стихови и музика на дваесеттото издание на „За тебе љубов моја“
Со познатите
стихови на Жак Превер: „Отидов на пазарот за птици и купив птица за тебе љубов моја отидов на пазарот за цвеќиња и купив цвеќе за тебе љубов моја“, започна 20 по ред „За тебе љубов моја“, традиционалната поетско-музичка манифестација која стана културен бренд и печат на Гевгелија. Годинава, oваа манифестација што ја организира ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, беше посветена на Слободанка Дуева, нејзиниот зачетник и творец и на сите останати културни работници кои, за жал, не се повеќе живи, а го дале својот придонес во програмата на „За тебе љубов моја“ и, воопшто, во развојот на културата во Гевгелија.
Дел од долгогодишните соработници и организатори, Даниела Џишева и Тони Аврамов, професори по македонски јазик и литература, зборуваа за ликот и делото на Слободанка Дуева, имено, и долгогодишен директор на ЈОУ Бибилиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. Со приказ на аудио-визуелни записи од „За тебе љубов моја“ низ годините, публиката имаше можност да се присети на: Славјанка Трајкова, Орце Издушнов, Бошко Бозаџиев, Ристо Калиников и Васил Ангов.
Во годинашната програма, стихови од домашни и странски поети, како и сопствена поезија, читаа долгогодишни, но и релативно нови учесници: Ламбрина Лазаревска, Бојан Алексов, Катица Џишева Дупарова, Љупка Урумова, Весна Ристова, Светлана Стојковиќ, Стефчо Стефанов, Силвестер Проле, Каме Ќаев, Ангела Михајлова и Петар Јанчев. Додека, во музичкиот дел настапија: Александар Стојанов, Цветанка Демерџиева, Димитар Ангов и Борче Ристовски, Теодора Гошева Капсарова и Филип Ангов.