Покачени цените на такси-превозот во општина Гевгелија
Со измената на Одлуката за такси-превоз на патници,
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница го усвои барањето на Здружение на такси-компании во Гевгелија и донесоа одлука за поскапување на такси-превозот за 60 отсто. Согласно одлуката, цената за старт од сегашните 50 е зголемена на 80 денари и за секој нареден километар, наместо досегашните 23 денари, ќе се наплаќаат по 33 денари, а чекањето од четири е зголемено на 7 денари од минута.
Покрај ова беше прифатено и барањето на таксистите за воведување ноќна тарифа, која ќе се применува од 22 часот вечерта до 6 часот наутро, со стартна цена од 90 денари, плус 35 денари за поминат километар, како и празнична тарифа со цена од 100 денари за старт и 40 денари за изминат километар. Гевгелиските таксисти ќе добијат и дополнителен паркинг-простор на неколку локации во градот кои беа посочени од нивна страна.
Барањето за поскапување на такси-услугите се должи на зголемените цени на горивата и поминатиот, за нив, долг период од четири години од донесувањето на претходната одлука.