Сарамандов учествуваше на ИПА- средбата на градоначалниците од Македонија и Бугарија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
заедно со 27 градоначалници на општините во пограничните региони на Македонија и Бугарија, присуствуваше на ИПА средбата што се одржа во Сандански, Република Бугарија. На дводневната работна средба беа разменети позитивните искуства и знаења од досегашната соработка помеѓу пограничните општини во двете земји. Но, и воспоставување на соработкa за реализација на заеднички проекти, во рамките на ИПА-Програма за прекугранична соработка 3 помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Оваа програма е со вкупен буџет од 31 милион евра, средства од Европската Унија, по чие усвојување ќе уследи и распишување на јавен повик. Како што беше најавено на средбата јавниот повик за аплицирање на ИПА-ППС 3, се очекува да биде објавен на почетокот од идната година, и тоа, за проекти во три приоритетни области.
На средбата во Сандански, градоначалниците од пограничните региони во двете земји, ги поздрави бугарскиот премиер Кирил Петков, а присуствуваа и министерот за локална самоуправа во нашата земја, Горан Милевски и бугарскиот министер за регионален развој и јавни работи, Гроздан Караџов. Притоа, беше нагласено дека прекуграничната соработка меѓу двете земји има свој континуитет и е една од најуспешните во регионот со целосна реализација на средствата од Европската Унија. Во рамките на втората ИПА-ППС реализирани се 73 заеднички проекти во вкупна вредност од 20 милиони евра. Во нејзината реализација, покрај двете министерства, се вклучени и градоначалниците, затоа што соработката меѓу општините од двете земји е пример за добрососедство и заедничко градење на европската иднина на регионот.
Еден од реализираните проекти преку вториот повик од ИПА-Програмата за прекугранична соработка меѓу Р. Бугарија - Р. Северна Македонија 2014-2020 година, е проектот „Прекугранично справување со шумски пожари“ на Центарот за развој на Југоисточен плански регион. Во рамките на овој проект за ТППЕ- Гевгелија, како и останатите територијални противпожарни единици во регионот, обезбедена е комплетна противпожарна опрема за гаснење на шумски пожари. На тој начин значително е подобрена заштитата на пожарникарите, но и обезбедени услови за поефикасно гаснење на шумските пожари.
На ИПА-средбата во Сандански, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средби со градоначалниците и делегациите на Општините Банско, Сандански и Разлог. Притоа, се разговараше за идната соработка и можностите за заеднички настап на третиот повик од ИПА-ППС во одделни области, кои се од интерес на партнерските општини. Во рамките на претходните ИПА-Програми за прекугранична соработка со Бугарија, Општина Гевгелија веќе има реализирано заеднички проекти со Општините Разлог и Банско, кои се дел од Благоевградскиот регион.