Работна средба на градоначалникот Сарамандов со швајцарската амбасадорка Улман
Денес, во посета на Општина Гевгелија, беше амбасадорката на Швајцарија,
Н.Е. Вероник Улман. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со швајцарската амбасадорка, на која присуствуваше и директорот на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Раско Чочков. Притоа, се разговараше за тековните работи на Општина Гевгелија во насока на подобрување на условите за живеење на граѓаните. Како и за продлабочување на соработката меѓу Општина Гевгелија и Швајцарската амбасада, особено, преку програмите за поддршка.
Исто така, беа нагласени и проблемите со кои се соочува Општина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија од областа на енергетиката, особено, за време на енергетската криза, но и за можностите за нејзино надминување преку поддршка на проекти, кои ќе придонесат за ублажување на економскиот шок. Збор стана и за Новата времена депонија кај Ново Конско и нејзиното започнување со работа, со што ќе бидат решени горливите проблеми на граѓаните на Гевгелија кои ги предизвикуваше дивата депонија.
Градоначалникот Сарамандов ја истакна важноста на новата прочистителна станица за отпадни води, чија изградба се реализираше со поддршка од Швајцарија, како резултат на трилатералната соработка помеѓу Владите на Швајцарија, Грција и Македонија. Капитален проект, вреден 10.693.000 евра, од огромно значење за еколошкиот развој.