Општина Гевгелија ќе аплицира со 5 проекти на Јавниот повик на Бирото за рамномерен развој
Советот на Општина Гевгелија, на денешната 8 седница,
донесе Одлуки за обезбедување средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година за реализација на пет проекти, со кои Општина Гевгелија ќе аплицира на Јавниот повик на Бирото за регионален развој. Имено, Бирото за регионален развој распиша Јавен повик за прибирање на предлог-проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој, развој на подрачјата со специфични развојни потреби и за развој на селата, на кој Општина Гевгелија ќе учествува со 5 проекти. И тоа: „Изградба на зафатна градба, пумпна станица и доводен цевковод до постоечки резервоар во село Ума“, „Реконструкција на Младински дом во Богородица“, „Санација, конзервација и реставрација на објект Училишна зграда во Конско“, „Поставување урбана опрема- контејнери и канти за рециклирање на отпад во Гевгелија“ и „Поставување урбана опрема за детски игралишта во Негорци, Прдејци и Богородица“.
Согласно донесените одлуки на денешната седница на Советот на Oпштина Гевгелија, Општина Гевгелија ги прифати предусловите за кофинансирање на проектите. За што, за изградбата на зафатна градба, пумпна станица и доводен цевковод до постоечки резервоар во село Ума, локалната самоуправа ќе учествува со 20% кофинансирање од вкупната вредност на проектот, односно 4.058.054 денари. За реконструкцијата на Младинскиот дом во село Богородица ќе се обезбедат средства во висина од 2.044.647 денари или 20% од вкупната вредност на проектот. 1.893.337 денари или 20% од вкупната вредност ќе бидат наменети за санација, конзервација и рестравација на Училишната зграда во село Конско, додека 30% од вкупната вредност или 1.200.000 денари ќе се обезбедат за поставување урбана опрема- контејнери и канти за рециклирање отпад во Гевгелија. 50% од вкупната вредност на проектот или 2.000.000 денари ќе бидат обезбедени за поставување урбана опрема за детски игралишта во селата Негорци, Прдејци и Богородица.