Општина Гевгелија и УНХЦР заеднички ќе им помагаат на социјално-ранливите семејства
Општина Гевгелија и Kанцеларијата на Високиот комесаријат
на ООН (УНХЦР) ќе ја продлабочат соработката и заеднички ќе им помагаат на социјално-ранливите семејства - беше договорено на вчерашната средба на претставничката на УНХЦР во нашата земја, Моника Сандри и градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов. На средбата присуствуваа и директорот на Општата болница во Гевгелија, Митко Крџев, како и претставници од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија. Соработката се одвива согласно потпишаниот Меморандумот за меѓусебна соработка од минатата година, а активностите веќе се спроведуваат според Акцискиот план кој содржи конкретни активности, фокусни точки и временски рокови за имплементација. Една од нив е и заедничката помош за социјално-ранливите семејства во општината и спроведувањето на новата интернат-алатка за непосредна помош.
Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, упати благодарност до граѓаните на општина Гевгелија за гостопримството и отвореноста, посебно, кога се во прашање мигрантите. Притоа, нагласи дека Општина Гевгелија добро се справи со предизвиците што ги донесе бегалската криза, додека пак Општата болница покажа како треба да се справува со наметнатата состојба, излегувајќи во пресрет на основното човеково право за здравствена заштита.
- Бегалците се голем предизвик за општините. Затоа, наша цел е покрај соработката со централната власт, која е насочена кон подобрување на законодавниот концепт, паралелно да остваруваме соработка и со локалните самоуправи. Со досега реализираните активности, се потврдува досегашната соработка на УНХЦР со Оштина Гевгелија, било да се работи за техничка помош, помош на НВО и, воопшто, поддршка на општините не само во справувањето со бегалците туку и во решавањето на другите актуелни проблеми, особено проблемите со кои се соочуваа социјално ранливите категории, кои живеат на подрачјето на општина Гевгелија, нагласи Моника Сандри.
Таа ја оцени како одлична иницијативата за развивање на интернет-алатката, односно веб-порталот, кој ќе го раководи Општина Гевгелија во соработка со ЦСР Гевгелија. Оваа алатка ќе придонесе за навремено детектирање и евидентирање семејства и поединци, кои се нашле во социјален ризик и имаат итна потреба од одреден вид помош ( облека, хигиенски пакети, мебел, покуќнина, електрични апарати, итн.), како и достава на потребната помош до целните групи. Општина Гевгелија, потенцираше Сандри, високо котира во нашите извештаи како општина која знае во секој момент да помогне на луѓето кои поради различни причини бегаат од своите родни огништа. Затоа, продолжете, рече Сандри и натаму да бидете модел и пример за другите општини во Република Македонија.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заблагодарувајќи се до УНХЦР за помошта што досега ја донираа за општина Гевгелија, нагласи дека очекува воспоставената соработка да биде уште повеќе интензивирана во иднина, со опфаќање на ранливите категории граѓани на подрачјето на Општина Гевгелија, на кои помошта секогаш им е добредојдена. Бегалската криза од 2015 година, напомена Сарамандов, беше причина низ подрачјето на општина Гевгелија, од 1 јануари, 2015 година до крајот на јуни, 2016 година, да поминат 800.000 мигранти – бројка што сама по себе зборува за последиците од бегалската криза во една мала општина, каква што е Гевгелија. Граѓаните тогаш го демонстрираа своето традиционално гостопримство и покажаа посебна грижа, одговорност и хуманост. Не само за време на бегалската криза од 2015 туку и денеска, прифаќајки неколку украински семејства, кои најдоа свое засолниште од војната кај свои роднини и пријатели во општина Гевгелија.
Директорот на Општата болница со проширена дејност, д-р Митко Крџев, доделувајќи благодарница на претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, се заблагодари на досегашната соработка со УНХЦР, која особено дојде до израз во последните две години од пандемијата на КОВИД-19 кога беше донирана здравствена и друга опрема во вредност од 5.000 евра за Општата болница во Гевгелија. Исто така, и за донираниот технички материјал потребен како на пациентите, така и на медицинскиот персонал.