Во Општина Гевгелија, се одржа седница на Регионалниот штаб за управување со кризи
Денеска, во просториите на Општина Гевгелија, се одржа седница
на Регионалниот штаб за управување со кризи при РЦУК- Гевгелија. На седницата, покрај градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и претставниците на институциите од Системот за управување со кризи (СУК), беа присутни и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, како и градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов. На седницата, се разговараше околу подготвеноста на субјектите- учесници во системот за управување со кризи, со акцент на пожарите и други можни опасности во претстојниот летен период.
Покрај ова, директорот на ЦУК, Ангелов, ги информираше присутните за фунцкионирањето на единствениот повикувачки број за итни повици- 112, при што заеднички беа разгледани оперативните можности за прогресивност и развој на јавната свест, како и за можностите околу интензивирање на соработката помеѓу институциите од Системот за управување со кризи. На седницата, збор стана и за други тековни прашања од надлежноста на Регионалниот штаб за управување со кризи при РЦУК- Гевгелија.