Изведба на три претстави- плод на работењето на Драмската секција за деца при ЈОУ Дом на култура- Гевгелија
Околу 50 деца од општина Гевгелија кои се членови
во Драмската секција при ЈОУ Дом на културата „Македонија“- Гевгелија, пред публиката ќе ги претстават стекнатите актерски вештини со учеството во три претстави.
Утре (7 јуни, 2022 година), во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 18:00 часот, премиерно ќе биде изведена „Волшебното кутивче“- омнибус (по текстови на Петре М. Андреевски, Киро Донев и Стојан Тарапуза). Станува збор за адаптирано сценарио кое ќе ја прошета публиката низ стиховите на Андреевски, низ зеленчуковите маки раскажани од Донев и по повеќе едночинки на Тарапуза и Киро Донев.
На 16 јуни, со почеток во 20:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде прикажана театарската претстава за деца „Мачорот во чизми“, по мотиви од Шарл Перо. Преку итроштините на Мачорот во чизми, интерпетирани од страна на дечињата, публиката ќе дознае за неговото пристигнување во кралскиот дворец и постигањето на неговата цел.
Изведбата на театарската претстава „Обична бајка“ на Сашо Огненовски е закажана за 18 јуни, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 18:00 часот. „Обична бајка“ е претстава што ги испреплетува реалноста и фантазијата. Мешањето на реални со епски јунаци во претставата ја открива универзалната вистина дека секој човек има своја убавина и дека силата постои во секој од нас. Влезот е бесплатен.
Сите претстави се во режија на Катица Џишева Дупарова, раководител на Драмската секцијa. Сценографијата е на Гордана Петрова, а костимографијата за „Волшебното кутивче“ на Михаил Петров.
Работата на Драмската секција во рамките на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија е поддржана од градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.