Во Гевгелија, реализирана кампањата на СОС Детско село за згрижување деца
Во рамките на проектот на СОС Детско село: Право на семејство-
„Унапредување на системски недостатоци- Поддршка на реформите во системот за заштита на деца“, вчеравечер, Општина Гевгелија беше домаќин на промотивниот настан „Подај рака и промени живот- Стани згрижувач!“. Настанот е дел од кампањата за покренување на свеста и информирање за значењето и бенефитите на Програмата за згрижување деца.
Пред присутните, свое обраќање имаше државниот секретар на МТСП, Ресми Ејуп, кој зборуваше за заложбите на МТСП и кампањата на СОС Детско село во врска со згрижувањето деца:
- Во земјава имаме околу 350 згрижувачки семејства кои се грижат за 600 корисници. Постоечките згрижувачки семејства ја обезбедуваат најдобрата грижа за сместените корисници со поддршка на стручните лица во институциите во системите во сите сфери на животот. Но, во државата се потребни поголем број на згрижувачки семејства. Преку оваа кампања, имаме намера да допреме до сите вас, да го пробудиме чувството на хуманост кој провејува на нашите простори и на тој начин да обезбедиме згрижувачки семејства кои ќе одговорат на потребите на децата, на кои им е потребна грижа, потенцирајќи дека Министерството за згрижувачите обезбедува месечен надомест за трошоците за згриженото лице, згрижувач и право на траен надоместок за згрижувач кој згрижува деца најмалку 15 години, како и континуирана стручна помош и поддршка на згрижувачите.
- Развојот на социјалните услуги во локалната заедница и нивна достапност до граѓаните е наша заедничка заложба. Како татко на општината, ја поддржувам иницијативата за градење мрежа на згрижувачки семејства и достапни услуги во локалната заедница за сите. За децата кои останале без родителска грижа, важно е да продолжат да живеат во познато опкружување, онаму од каде потекнуваат, со што ќе ги одржуваат трајните врски со поширокото семејство. Kако Општина, ќе дадеме наш придонес во идентификување на потенцијални згрижувачи кои ќе обезбедат грижа и заштита на децата и ќе овозможат одржување на врските со семејството, заедницата и културното потекло. Истовремено, вложуваме да осигураме развој на систем на поддршка од други дополнителни социјални услуги кои треба да се развиваат допрва, согласно потребите на населението, истакна во своето обраќање градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој ја прифати иницијативата на СОС Детско Село- Општина Гевгелија да биде партнер во организацијата на овој настан.
- Денес, сме сите заедно тука на едно место и сите со една заедничка цел- да се запознаеме и да изразиме волја и подготвеност да отпочнеме да извршуваме уште една функција, а тоа е згрижувачката функција. Оттука, Ве охрабруваме да станете дел од нашиот тим, да размислите и да подарите љубов и рака на дете на кое тоа му е најпотребно. Ве охрабрувам да го отворите својот дом за децата, на кои им е потребна грижа, испрати порака Јагода Николовска, претставник од Центар за поддршка на згрижувачки семејства- СОС Детско село.
Пред присутните, Оливера Миленковска го сподели своето искуството како згрижувач , додека Цветанка Николовска- како е да бидеш згрижен. Директорката Васка Јанчев, истакна дека ЈУМЦСР- Гевгелија, надлежен за општините Гевгелија, Богаднци и Дојран, стои на располагање за повеќе информации на заинтересираните во врска со згрижувањето деца. Моментално, на подрачјата на општините Богданци и Дојран, има две згрижувачки семејства кои се во надлежност на ЈУМЦСР- Гевгелија.
Промотивниот настан беше збогатен со настапот на бендот Dabed - Драги на гитара и Алтана вокал.
Кампањата и проектот се од огромно значење за СОС Детско село, бидејќи покрај тоа што ја зголемува свесноста за згрижување на деца, го зголемува и бројот на потенцијални згрижувачи и истовремено креира достапна мрежа на згрижувачки / роднински семејства низ целата територија на државата. На тој начин, се придонесува децата да продолжат да живеат во познато опкружување, културолошки блиски на нивното потекло, преку истовремено обезбедување грижа и заштита на децата, одржување на врските со семејството, заедницата и културното потекло.