Прогласени Првенците на генерација во гевгелиските основни училишта
Четирите основни училишта во општина Гевгелија ги
прогласија 4 Првенци на генерација во учебната 2021/2022 година. Согласно критериумите за постигањата во текот на основното образование и донесените Одлуки на Наставничките совети при училиштата, за Првенци на генерација се избрани учениците: Ѓорги Новаков од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Софија Иванова од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Димитар Боболков од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци и Леонид Цуклев од ООУ „Климент Охридски“- Миравци. При доделувањата на свидетелствата на сите деветтооделенци, свечено им беа врачени и признанијата и симболичните подароци на првенците.
За именувањето како Првенци на генерацијата, деветтооделенците ја искажаа својата благодарност кон своите наставници, а за тајната на успехот во постигнувањето резултати истакнаа:
- За да бидеш добар во нешто, значи да сонуваш, да се бориш и да ја постигнеш својата цел, давајќи се од себе. Тогаш се раѓаат нови соништа, нови мечти и нови планови за достигнување на целта. Училиштето е првиот чекор во големиот живот за секој човек. Тука стекнуваме знаење, ја негуваме волјата и духот. Навистина сакам да учам, да откривам нешто ново и интересно во разни области на науката, вели Ѓорги Новаковски;
- Чест и задоволсво е да се биде Првенец на генерацијата. Не беше тешко, затоа што континуираното учење, желбите за новите знаења и учество на натпревари ми беа задоволство, истакна Софија Иванова;
- Не беше многу тешко, но, сепак, требаше да се одвои доста време за учење. Кога ќе се посветиш на некоја своја идеја, бори се да ја реализираш, затоа што тоа е твојот сон, вели Димитар Боболков.
- Не дека е лесно да се биде Првенец на генерацијата, меѓутоа ако се пристапи кон учењето со посветеност и континуираност заедно со желбата за успех, резултатот и успехот е неизбежен. Секоја година бев дел од Државните натпревари по природните науки, а по предметите математика, физика и биологија освојував награди и согласно покажаните афинитети за тие науки го избрав и понатамошниот правец на моето школување. Се запишав на математичко-информатичката гимназија во Скопје каде се организира напредна настава за предметите математика, информатика и физика, истакна Леонид Цуклев.
Традиционално, како и секоја година, Градоначалникот на општина Гевгелија на Првенците во основните училишта ќе им врачи Решенија за парична награда во висина од 5.000 денари.