Во Гевгелија, одбележана 75-годишнината на Друштвото на писатели на Македонија
Со читање поезија под отвореното гевгелиско небо,
беше одбележана 75-годишнината од формирањето на Друштвото на писатели на Македонија, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, а во рамки на културната манифестација „Гевгелиско културно лето“. Пред присутните, се обрати директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, Стефан Марковски, кој зборуваше за предизвиците со кои се соочува Друштвото, значењето на литературното творештво во современи услови и борбата за освојување нова читателска публика.
Од Друштвото на писатели на Македонија по повод прославувањето на јубилејот, свое обраќање имаа Марина Мијаковска, секретар за надворешни активности на ДПМ; Мито Спасевски, претседател на Издавачкиот совет на ДПМ и Александар Прокопиев“ кои се осврнаа на почетоците и историјатот, но и на актуелните состојби со кои се соочува Друштвото.
На платото пред Градската библиотека, стихови од своето творештво читаа: Снежана Стојчевска, Диме Ратајкоски, Југослав Петровски, Гордана Јовиќ Стојковска, Александар Прокопиев, Миле Јованоски Поречанец, Горан Анчевски, Саво Костадиновски, Лилјана Стоилковска, Љупчо Силјановски, Ленче Милошевска и Мито Спасевски. Настанот беше збогатен и настапот на Теодора Гошева, со изведба на музички точки.