Затворена Ликовната колонија „Аполонија 2022“
Нови вредни уметнички ликовни дела се создадени
на годинашната Ликовна колонија „Аполонија 2022“- Гевгелија, која беше затворена со завршна изложба. Во организација на фондацијата „Аполонија“, на оваа традиционална ликовна колонија учество земаа деветмина уметници од земјата и од странство. Во периодот од 4 до 14 јули, твореа: Јелена Милошевиќ, Драган Бартула и Емил Сфера од Србија, Петар Белијашки од Бугарија, Татјана Медарова од Велес, Ниче Василев од Струмица, како и гевгеличаните Боро Петров и Јордан Јанев- Дане, чии новосоздадени дела од оваа традиционална Ликовна колонија ќе ги красат ѕидовите на просториите во хотел-казино „Аполонија“. За спомените да останат трајно забележани, се погрижи уметникот и фотограф, Рајко Каришиќ од Белград.
- Полека заборавајќи ги двете загубени „ковид“ години, пак ја откриваме радоста на творештвото и на неповторливото дружење со уметниците сликари. Гевгеличани, ќе си ги наполнат со убавина очите и душите соочени со новосоздадените дела од овогодишната колонија, oтворајќи ги пред нас прекрасниот и раскошен свет на имагинацијата на овие автори, истакна директорот на Фондацијата „Аполонија“- Аце Ристовски, на крајот од изложбата.