Со спортски активности, одбележана реконструкцијата на кошаркарското игралиште „Иван Пенов“
На кошаркарското игралиште „Иван Пенов“, вчера,
со спортски активности беше одбележана неговата реконструкција, каде од денес до 4 август ќе биде одржан Меморијалниот турнир во баскет во чест на младиот кошаркар. Предавањето во употреба беше одбележано со кошаркарски мини-натпревар помеѓу млади кошаркари и слободни фрлања од Илија Пенов со градоначалникот Сарамандов. Реконструкцијата на кошаркарското игралиште на улица „Илинденска“ започна пред одржувањето на Меморијалниот турнир, со средства од Општинскиот буџет, од Програмата за изградба и реконструкција на спортските објекти. На игралиштето беше поставена полипропиленска подлога по сите ФИБА стандарди.
На пуштањето во употреба, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна:
- Ми претставува чест што денес ја означивме реконструкцијата на спортското игралиште „Иван Пенов“. Поставена е нова полипропиленска подлога по сите FIBA стандарди, која е UV стабилна и најбитно за здравјето на децата, ергономска. Младите во Гевгелија добиваат модерно кошаркарско игралиште и место каде што ќе може слободно да се рекреираат и спортуваат. Како Градоначалник, се обврзав дека ќе вложуваме во спортската инфраструктура со цел да им овозможиме правилен развој на нашите деца и идните генерации. Огромна благодарност до фамилијата Пенови, со нивната иницијатива и нивниот придонес ова игралиште го доби денешниот лик. Најавувајќи дека во наредниот период ќе следи реконструкција на фудбалските терени на Негорски Бањи, каде се планира да бидат одржувани тренинзи на сите категории фудбалери на ФК „Кожув“, како и реконструкција на ракометното игралиште од објектот на ДТВ „Партизан“, кое ќе биде претворенo во модерно мултифункционално игралиште.