Шепотливо заведување со звуците од гитарата на Динев и контрабасот на Кралев
Во Фоајето на Народниот театар, одекнаа синхронизираните звуци
од гитарата на Филип Динев и контрабасот на Пенче Кралев. Публиката уживаше во интерпретацијата на оригинални композиции и аранжмани на џез стандарди, кои дуото Динев и Кралев ги подготвија за изведба пред нив, од репертоарот за својот концерт во рамките на „Гевгелиско културно лето“.
„Ѕвездено гевгелиско лето“ му даде епитет на Џез концертот, директорката на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и м-р по уметности, Мирјана Крстева Массетти во својот осврт на овој несекојдневен музички настан.
- Идејниот израз на Динев и Кралев разиграно комуницира со најубавото, неповторливото, универзалното, апстрахирајќи го земното. Нивниот перформанс е виножито од феномени, илуминирани од рефлексии кои шепотат заводливо, автентично, страстно, колоритно... Структуралната компонента на оваа изведба води кон една поинаква архитектура на времето. Синоќешниот концерт во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ беше исполнет со многубројни овации за овие наши, но светски артисти, истакна Массетти.