Започна реализацијата на богатата програма со активности за чествување на 7 Ноември
Со отворањето на Изложбата на фотографии
од Димитар Новаков „Гевгелиски моменти“, во организација на НУ Музеј- Гевгелија, од вчера, официјално започна реализацијата на богатата програма со активности за чествување на 7 Ноември. Во Уметничката галерија „Амам“- Гевгелија, беа изложени 15 професионални фотографии од гевгелискиот фотограф Димитар Новаков, на кои присутните имаа можност да ги видат доловените пејзажи од неговото фотографско око, со застапената автентична архитектура, фасади, улици и видици во Гевгелија.
Изложбата беше отворена од кураторот Александар Каракабаков, историчар на уметност и вработен во НУ Музеј- Гевгелија, кој за фотографското творештво на Новаков, истакна:
- ГЕВГЕЛИСКИ МОМЕНТИ претставува фото-приказна инспирирана од автентичната гевгелиска архитектура, фасади, улици и сокаци, пејзажи и видици кои го дефинираат вистинскиот идентитет (белег) на градот. Од мугрите и раѓањето на виделината, преку различните делови од денот (сончеви, тмурни, пријатни или студени) се до квечерните и длабоки ноќи, се движи, тече наративот, за животот, за Гевгелија преточена во ретки мигови на спокој и задоволство, моменти на незапирлив времеплов, спомени, сеќавања, воздишки, чувства и емоции, сензација и импресија. Новаков преку играта на контрастите доведува до визуелна експресија каде, освен документирањето на гевгелиските моменти, дава порака за чување и афирмирање на материјалното, духовното и културното наследство кое го поседуваме. Развојот на традиционалното културно наследство на еден град во комбинација со урбаната култура и современото творештво е од исклучително значење за подигање на јавната свест за важноста и вредноста на регионалното историско, културно наследство и уметничко богатство и иницирање ангажман на граѓаните во тој развој.