Претпразнична средба со збратимените и пријателски општини
Во пресрет на Денот на ослободувањето - Гевгелија,
градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, денес, оствари средба со гостите од збратимените и пријателските општини, кои присуствуваат на одбележувањето на овој значаен празник. На средбата, присуствуваа делегациите од збратимените општини Јабланица, БиХ, предводена од градоначалникот Дамир Шабановиќ; од Инџија, Република Србија, предводена од Ѓорѓе Димиќ, претседател на Собранието; и од Севлиево, Република Бугарија, предводена од претседателката на Советот, Здравка Лалева. Исто така, на средбата присуствуваа и делегациите од пријателските општини Разлог, Република Бугарија, предводена од градоначалникот Венцислав Геров; од Гвозд, Република Хрватска, предводена од градоначалникот Милан Врга, а за првпат, како и од Велика Кладуша, БиХ, предводена од Ервин Абдиќ.
Градоначалникот Андон Сарамандов изрази задоволство што соработката со збратимените општини продолжува и се проширува со пријателските општини. Покрај долгогодишната соработка со Инџија, Јабланица и Севлиево, мрежата на соработка на овие балкански простори ја прошируваме и со други пријателски општини. На тој начин, се создаваат можности за размена на искуства, но, и креирање на заеднички проекти и заеднички настап пред европските програми.
- Со некои од општините, веќе имавме договори за проширување на соработката со конкретни проекти, а очекувам по денешната средба оваа соработка да се прошири, истакна Сарамандов, изразувајќи задоволство што по паузата предизвикана од пандемијата, Гевгелија е домаќин на гостите од збратимените и пријателските општини.
Гостите, исто така, го изразија своето задоволство што се повторно во Гевгелија, бидејќи тоа е можност за продолжување на соработката. Притоа, ја истакнаа заинтересираноста за конкретизирање на оваа соработка, во рамките на веќе создадената мрежа на збратимени и пријателски општини. Како во поглед на искуствата околу функционирањето на локалната самоуправа, така и во подготвувањето и реализацијата на одделни проекти.