Свечена седница на Советот на Општина Гевгелија по повод 7 Ноември
Во пресрет на Денот на ослободувањето - 7 Ноември,
Советот на Општина Гевгелија одржа Свечена седница, на која присуствуваа бројни гости од земјата и странство. Покрај членовите на Советот на Општината, на 17. седница, во Големата сала на Народниот театар во Гевгелија, Градоначалникот на општина Гевгелија, пратениците во Собранието на РСМ, претставници на Здружението на борците од НОВ, на државните и локални институции и установи, на бизнис-заедницата, на културниот и јавниот живот во општината, делегациите од збратимените Општини: Инџија, Република Србија; Јабланица, Република Босна и Херцеговина; Севлиево, Република Бугарија; како и пријателските Општини Разлог, Република Бугарија; Гвозд, Република Хрватска и Велика Кладуша, Република Босна и Херцеговина.
Свечената седница ја отвори претседателот на Советот на Општина Гевгелија, д-р Патрик Матх, кој честитајќи го Празникот, истакна:
- По ослободувањето, во изминатите 78 години, Гевгелија се соочуваше со бројни предизвици, но и забележа значаен развој. Беше и остана отворен град, на крајниот југ од земјата, чиј живот и развој се тесно врзани за границата. Град со богата традиција и град на гостопримството. Во изминатата година, Гевгелија, како впрочем и целиот свет, се соочи со големи предизвици - последниот бран од пандемијата, енергетската и финансиската криза. Затоа, и наш приоритет, како Совет на Општина Гевгелија, беше здравјето на граѓаните и подобрувањето на квалитетот на здравствените услови. Но, и обезбедувањето на услови за поквалитетен живот на граѓаните, рече Матх.
По презентирањето на остварувањата и активностите во општина Гевгелија, меѓу двете празнувања, на присутните им се обрати градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов:
- На почетокот од мојот мандат, но и воопшто изминатава година, беше исполнета со многу непредвидени предизвици, пред сè, како резултат на енергетската криза. Како најприоритетна, се наметна потребата од намалување на трошоците за електрична енергија во уличното осветлување. Проблемите наметнати од енергетската криза наложија ангажманот да го насочиме кон изнаоѓање на решенија, кои ќе ги ублажат последиците и овозможат непречено функционирање на предучилишните, образовните, здравствените и сите други институции во надлежност на Општината. Паралелно, настојував да спроведам дел од програмските активности со кои ја стекнав довербата кај граѓаните. Но, и да изработиме квалитетни проекти со кои веќе аплициравме или ќе аплицираме на јавните повици на домашните и меѓународните агенции и фондации, бидејќи на тој начин обезбедуваме основа за подобрување на квалитетот на услугите и квалитетот на живеење во градот и во населените места, рече Сарамандов.
Притоа, нагласи дека за одбележување е реализацијата на капиталните проекти, кои значително придонесоа за подобрување на патната, комуналната и воопшто инфраструктурата во Општина Гевгелија. Во тек е изградбата на атмосферска канализација на скоро една третина од подрачјето на Гевгелија, од Динќут, па, се до железничкиот мост, а на две улици во Серменинско мало, веќе е поставена атмосферска канализација. Негорци наскоро ќе добие квалитетна вода за пиење, а изградбата на цевководот за приклучување на Прдејци кон Водоснабдителен систем во Гевгелија, е во тек. Значително е подобрена патната инфраструктура во општина Гевгелија, а за таа цел од Буџетот на Општина Гевгелија се издвоени 16, 7 милиони денари. Во Прдејци, е отворен модерен Младински дом, а следува акција за реконструкција и уредување на Младинските домови во Богородица и Моин. По профункционирањето на Времената депонија, започнавме со реализацијата на проектот за селектирање на отпадот. Додека, со ревитализација на зелените површини, продолживме со заложбата за поголема заштита на животната средина.
Во своето обраќање, градоначалникот Андон Сарамандов информираше дека Општината е на добар пат да го реши проблемот со кучињата- скитници, и тоа, со изградбата на Стационарот за бездомни животни, која е во завршна фаза, посочи дека се реализирани повеќе зафати за подобрување на условите во предучилишните и во образовните установи, а нагласи дека Општината со конкретни донации и акции настојуваше да ги подобри здравствените услуги во јавното здравство, како и стандардот на ранливите категории граѓани. Посебно се осврна на туристичка промоција на општината, како предуслов за поголема искористеност на туристичките капацитети и погодности, за што веќе е креиран туристичкиот идентитет на Општината, како привлечна туристичка дестинација, а изработен е пропаганден материјал - сувенири, брошура, флаери, видеа, маици со туристичкото лого и соопшти дека веќе е во функција и новата туристичка веб-страна на Општината.
- За подобрување на условите за спортување, започнавме со целосна обнова на спортската инфраструктура во Општината. Реновирани се и обновени спортските терени во Гевгелија, но и во населените места. На тој начин, за младите се обезбедени поволни услови за спорт и рекреација. Но, истовремено, и за афирмација на Гевгелија како значаен спортски центар. За неколку дена во спортската сала „26 Aприл“, а и гости на Гевгелија ќе бидат најдобрите кошаркари на Македонија, Норвешка и Данска. За поголема ангажираност на младите, формиран е Младински совет, но се организирани и бесплатни курсеви за обука на најмладите, успешно работи драмската секција, бевме свидетели на настапите на младите гитаристи, а воведен е и бесплатен логопетски третман за деца со проблеми во вербалната комуникација. Здруженијата на младите, но и културните установи, беа ангажирани за годинашното културно лето, во чии рамки беа одржани дваесеттина најразлични културни настани, рече Сарамандов, упатувајќи благодарност до општинската администрација за поддршката за сите реализирани активности и проекти, за одличната соработка со ЈПКД „Комуналец“, како и соработката со Советот на Општина Гевгелија.
- Во изминатите 365 дена, покажавме дека можеме да се справиме со непредвидените предизвици и да ги решиме новонастанатите проблеми. Но, и да донесеме промени, кои ќе ги почувствуваат сите граѓани. Бидејќи, промените ќе ни донесат иднина. Убеден сум дека и покрај предизвиците, Гевгелија и Општината имаат иднина, реше на крајот на своето обраќање градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
На свечената седница, на Општата болница со општа дејност во Гевгелија за придонесот во заштитата на јавното здравје и беше врачена донацијата од 500.000 евра за набавка на нов гинеколошки ЕХО-апарат, што и ја додели Советот на Општина Гевгелија. Исто така, на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија му беше доделена Благодарница за организација на најмасовниот настан во 2021 година - NOVEMBER RUN GEVGELIJA и афирмација на Гевгелија. Благодарница му беше доделена и на Петар Толев, дипломат од Гевгелија, поранешен аташе во Полска, генерален секретар во Амбасадата во Бугарија, политички советник во Амбасадата во Шведска, конзул во Амбасадата во Канада, амбасадор во Тајланд, за афирмација на Гевгелија во земјата и во странство. Донацијата и Благодарниците ги врачи градоначалникот на Општина Гевгелија.