Спектакуларен настап на НОБ во Гевгелија, по повод 7 Ноември
По одржувањето на свечената седница на
Советот на Општина Гевгелија, во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија, беше изведена балетската постава на музиката од „Болеро“ на Морис Равел, на која балерините од НОБ со својата елегантност во балетските движења подготвени од кореографката Саша Ефтимова и костимографија го одржаа целосното внимание на присутните цели 17 минути.
По балетот, во Големата сала на Народниот театар, одекнаа моќните гласови на: Aна Ројдева, Злата Тошеска, Александра Лазаревска- Василевски, кои во придружба на пијанистот Јордан Петрушевски, интерпретираа оперски арии од: Боито, Глук, Пучини, Верди, Маскањи, Белини, Гуно, Делибес, Доницети и Штраус. И тоа, соло, дуети и трио-изведби кои беа наградени со громогласен аплауз, како благодарност до НОБ за своето гостување во програмата по повод 7 Ноември, а во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, кои придонесоа за културно збогатување на свечената вечер, впрочем, онака како што ѝ доликува на Гевгелија да ги дочекува своите сограѓани и гости со квалитетни настани.