„Секс и лаги“ на Театар Куманово- театарско освежување за гевгеличани
Она што сам себе можеш да си го направиш е многу пострашно
од тоа што другите можат да ти го направат, беше заклучокот од вчерашната претстава „Секс и лаги“, во изведба на актерите од Кумановскиот театар. Комичните, но и напнати перипетии и заплети во драмското дејство за љубовните и семејните интриги меѓу драмските ликови, мајсторски истолкувани од: Марко Трајковиќ, Сања Русеска, Анастасија Величковиќ, Жарко Јовановиќ, Нина Максимова, Александра Михајловска и Никица Јанковски, со солзи ја насмеаја публиката која го исполни седечкиот капацитет во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија.
Дополнителен „шмек“ во комичните елементи беа и неколкуте реплики на струмички дијалект. Голема е разликата во гласовите од кои се составени зборовите Миле и мале, ама изговорени, во случајов имитирани, на струмички: „Миилеее!“ и „Маалеее!“, доволни за гледачите да не ја сокријат својата смеа од душа.
Што се случува во претставата „Секс и лаги“, во режија на Драгана Таневска, а драматургија на Симона Тоскиќ, која гостуваше во рамки на програмата за одбележувањето на 7 Ноември, веќе си знаат и гевгеличани, кои на крајот ги искажаа своите овации за фасцинантната актерска игра со долготраен аплауз.