18. седница на Советот на Општина Гевгелија закажана за 15 ноември
Советот на Општина Гевгелија, на 15 ноември,
2022 година, ќе ја одржи својата 18. седница. На седницата, Советот на Општина Гевгелија ќе расправа по Ребалансот на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година како резултат на зголемениот износ на дотација од ДДВ за Основниот буџет. Согласно известувањето од Министерството за финансии, со измените и дополнувањата ќе се изврши зголемување на Буџетoт на Oпштина Гевгелија за 2022 година, за 4.704.001 денар за дотацијата на приходи од ДДВ. Така, вкупниот износ на Буџетот на Општина Гевгелија од 514.974.336 денари ќе се зголеми на вкупен износ во висина од 519.651.337 денари.
Исто така, на оваа седница треба да биде усвоен и Планот за програми за развој на Општина Гевгелија за 2023 година, согласно законската рамка за одобрување од страна на Советот на Општина Гевгелија, најдоцна до 15 ноември. Во кој документ, како составен дел од Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, се опфатени 4 програми и 9 развојни потпрограми со капиталните проекти кои Општина Гевгелија ги реализира или ќе започне со реализација во наредниот период.
18. седница на Советот на Општина Гевгелија ќе биде одржана во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 10:00 часот. За работа на седницата, е предвиден следниот дневен ред:
1. Предлог-Измени и дополнувања на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година,
2. Предлог-Одлука за одобрување на План за програми за развој на Општина Гевгелија за 2023 година.