Креативни сликарски решенија со порака за женските прави
Во Клуб- Галеријата на Народниот театар- Гевгелија, денеска,
беше отворена Ликовната изложба „Женски права“. На Изложбата, беа застапени петнаесеттина цртежи на ученици од VI до IX oдделение од гевгелиските основни училишта „Владо Кантарџиев“, „Крсте Мисирков“, „Ристо Шуклев“- Негорци и Ликовната работилница во рамки на Ликовниот конкурс на истоимената тема. А, во организација на Општина Гевгелија, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Изложбата ја отворија директорката на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Мирјана Крстева Массетти и членот во Комисијата за оценување на цртежите, Александар Јанев.
- 12 талентирани дечиња ни понудија креативни сликарски решенија, генерално, изработени во акварел и техники со дрвени боици и фломастери. Секој цртеж е со различна наративна приказна и симболика, но пренесува иста порака која соодветствува на женските права, а во таа порака поддеднакво истомисленици се момчињата и девојчињата, автори на цртежите, истакна Јанев.
Комисијата, во состав на Мирјана Крстева Массетти, Александар Јанев и Петар Јанчев, донесе Одлука да ги награди цртежите на: Павле Митров од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци (Прва награда), Теодора Манчева од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија и Каја Јанковска од Ликовната работилница (Втора награда) и Живко Станчев и Софија Милосављевиќ од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци (Трета награда).
Притоа, од страна на претседателката на КЕМ при Советот на Општина Гевгелија, Елизабета Сивова, им беа врачени Решенијата за парични награди, Дипломите и Пофалниците со симболични подароци на учесниците и нивните ментори на Ликовниот конкурс.
Имено, оваа активност Општина Гевгелија, во соработка со КЕМ и ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ја реализираше во рамки на Програмата на Општина Гевгелија во областа на еднаквите можности на жените и мажите за 2022 година.