Објавен Јавниот повик за граѓанските организации за поднесување предлог-проекти во рамки на ReLOaD 2
Општина Гевгелија, во партнерство со
Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) го објави Вториот јавен повик за граѓанските организации, за поднесување предлог-проекти во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2). Општина Гевгелија и проектот ReLOaD2 ги повикуваат сите граѓански организации да поднесат предлог-проекти кои се доследни на развојните цели на општина Гевгелија и со кои се опфатени следните приоритетни области: КУЛТУРА И ТУРИЗАМ (Проекти и активности за промоција и развој на туристичките потенцијали на општина Гевгелија и создавање на услови за развој на алтернативниот туризам; Проекти и активности за одржливо зачувување, популаризација и промоција на материјално и нематеријално културно наследство и негување на традицијата и културното наследство на општина Гевгелија); ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА (Проекти за заштита на животната средина и едукација на населението за значењето на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија; Проекти со иновативен пристап на активности за заштита на животната средина и подигање на еко свест за зачувување на биодиверзитетот во локалната заедница); ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ (Поттикнување на проекти и активности за едукација на лица со цел унапредување и промоција на земјоделското и органското производство); СОЦИЈАЛНА ИНКЛУЗИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА (Реализација на активности и програми со цел подобрување на квалитетот и начинот на живот на лицата од ранливи категории и лица со попреченост во секојдневниот живот; Проекти за подобрување на човековите права, спречување на секаков вид насилство, поддршка за подобрување на менталното здравје кај жртвите на насилство; Подобрување на квалитетот на живот на лицата од трето доба и поддршка на иницијативите за волонтерство и помош на овие лица) и СПОРТ И МЛАДИ (Поттикнување на здрав живот и здрави навики кај граѓаните преку спортски активности и развивање на спортскиот дух во општина Гевгелија, со посебен акцент на младите; Развивање и поддршка на младите, младинската партиципација во креирањето политики во општината и поттикнување на младинскиот волонтеризам).
Jaвниот повик е отворен за сите формално регистрирани граѓански организации (асоцијации / организации или фондации) согласно со Законот за здруженија и фондации. Јавниот повик ќе трае од 17.11.2022 (од 9:00 часот) до 15.12.2022 (до 15:00 часот). Документацијата за пријавување на јавниот повик на општина Гевгелија може да се обезбеди преку испраќање на барање на следната адреса: Димитар Влахов бр.4, 1480 Гевгелија и/или на е-меил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. на кое е наведено името на заинтересираната организација, или лично во општина Гевгелија, улица: „Димитар Влахов“, 4. Сите неопходни информации и електронската верзија од целиот пакет апликација може, исто така, да се преземат од официјалната општинска веб-страница (www.gevgelija.gov.mk) како и на веб-страницата на УНДП (www.mk.undp.org).
Информативната сесија (отворен ден) за повикот со заинтересираните подносители граѓански организации ќе се одржи во општина Гевгелија на ден 21.11.2022 година, со почеток во 10:00 ч., во просториите на Големата сала на Општина Гевгелија. Првите два дена од обуката ќе се одржат на 21.11.2022 (со почеток во 11:00 ч.) и 22.11.2022 (со почеток во 9:00 ч.,) во просториите на Големата сала на Општина Гевгелија. Прашања во врска со јавниот повик може да се поставуваат преку адресата Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., со назнака за јавниот повик. Прашањата може да се поднесуваат до 12.12.2022, а одговорите ќе се обезбедат во писмена форма во рок од 3 работни дена од датумот на прием на прашањата. За да се обезбеди транспарентност, прашањата ќе се објавуваат на веб- страницата на УНДП.
Пополнетите апликации (со целосна документација) мора да се поднесат во три (3) печатени копии и една електронска верзија (на USB), во запечатен плик со назнака за јавниот повик, по препорачана пошта или лично, во работни денови (понеделник-петок), од 09:00 до 15:00 часот на следната адреса: Општина Гевгелија „Димитар Влахов“, бр. 4, поштенски број: 1480 Гевгелија. Апликациите кои ќе бидат поднесени по овој краен рок ќе бидат разгледани само доколку на поштенската марка стои датум и време на испраќање пред официјалниот краен рок. На надворешната страна на пликот мора да стои името на повикот за поднесување предлог проекти, целосното име и адреса на подносителот, целосниот назив на проектот и назнаката „Да не се отвора пред официјалното отворање". Општинскиот службеник ќе издаде потврда за прием на поднесените документи. Сите подносители на предлог-проекти, независно дали истите се прифатени или одбиени, ќе бидат известени во писмена форма за одлуката во врска со нивниот предлог- проект во рок од 30 работни дена од затворањето на јавниот повик. Резултатите ќе бидат објавени на општинската веб-страница (www.gevgelija.gov.mk) и/или на општинската огласна табла.
Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000,00 МКД до 1.845.000,00 МКД. На граѓанските организации им е дозволено да поднесат повеќе од еден предлог-проект, доколку вкупниот доделен износ не надминува 3.690.000,00 МКД за целото времетраење на проектот ReLOaD2 (до декември 2024). Општина Гевгелија и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог-проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од 6 до 12 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од март 2023 до крајот на август 2024 година.