И покрај предизвиците и наметнатите проблеми, реализирани повеќе капитални проекти
- Измина една година откако ја презедов функцијата
Градоначалник на општина Гевгелија. На Локалните избори, во 2021 година, добив силна поддршка од граѓаните која ме обврза да работам посветено и во интерес на граѓаните на општина Гевгелија. Во годината која измина, се соочив со многу непредвидени ситуации и предизвици, но истовремено 2022 година ќе биде одбележана и како година во која се реализираа повеќе капитални проекти на целата територија на општина Гевгелија. Реализацијата на овие проекти придонесе за подобрување на патната, комуналната и воопшто на целата инфраструктура во општина Гевгелија, истакна градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, на вчерашната прес-конференција по повод изминатата една година од преземањето на градоначалничката функција.
Во месец март, започна изградба на атмосферска канализација, во должина од 6.500 метри, во Гевгелија, која се протега на потегот од Динќут до Железничката станица, а веќе е изведена атмосферска канализација на две улици во Серменинско маало. Во 2022 година, Негорци доби нов водоснабдителен систем, а изградба на новиот цевковод, која е во завршна фаза, продолжува до населеното место Прдејци, во должина од 6.400 метри. Со поврзувањето на Негорци и Прдејци на водоснабдителниот систем на Гевгелија, жителите од овие населени места ќе го решат проблемот со водоснабдувањето. Во изминатата година, од Буџетот на Општина Гевгелија беа издвоени околу 16.700.000 денари за подобрување на патната инфраструктура. Реализирана е сервисната улица кај локалитетот Милци, со што Гевгелија доби уште една сообраќајна врска со граничниот премин Богородица. Во завршна фаза е доизградбата на патот до населеното место Ума, во должина од 800 метри. Истовремено, и во градот Гевгелија, но и во населените места: Миравци, Негорци, Богородица, Петрово, Милетково, Давидово, Смоквица, Моин и Мрзенци се реконструирани улици, со асфалтирање и бетонирање, истакна во oтчетот пред граѓаните, градоначалникот Сарамандов. Притоа, посочи дека годинава Прдејци доби нов модерен Младински дом, кој беше дамнешна желба на жителите од ова населено место. Се реконструира стариот објект со пренамена на средствата од ТАВ, а потоа обезбедивме средства од Општинскиот буџет за внатрешно уредување, опремување на објекот и уредување на дворното место. Наскоро, и Богородица ќе добие Младински дом, а во ова населено место во тек е, со општински средства, реконструкција на стариот објект на „Винојуг“ во објект за општествени активности.
- Во изминатиот период беа обезбедени сите услови за ставање во функција на Времената депонија кај Ново Конско, а истовремено беа исчистени дивите депонии во Миравци, во Смоквица, Серменин и на патот за Смрдлива Вода. Започнавме и со реализација на проектот селектирање на отпад, кој сметам дека е од голема важност за нашата општина. А, во завршна фаза е изградбата на Стационарот за бездомни животни, со кој решаваме уште еден од горливите проблеми на нашите сограѓани. Исто така, реализирани се повеќе зафати за подобрување на условите во предучилишните и образовните инситуции, во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија и ПУ- Мрзенци поставени се нови огради на училишните дворови, истакна Градоначалникот на oпштина Гевгелија.
Изработена е плаформа за туризмот, за туристичка промоција на нашата општина, а заедно, во соработка со сите чинители на туризмот, креиран е туристичкиот идентитет на нашата општина. Изготвени се промотивни материјали, брошури, сувенири, промотивни видеа, туристичко лого, а, од пред неколку дена, Гевгелија доби и веб-страница за промоција на туризмот. За подобрување на спортската инфраструктура и обезбедување на услови за рекреација и спорт, започнавме со реконструкција на повеќе спортски објекти. Гевгелија доби ново модерно кошарско игралиште „Иван Пенов“, на кое беше поставена модерна пластична подлога, но и ново мултифункционално игралиште. Старото ракометно игралиште кај ДТВ „Партизан“ доби тартан подлога и целосно е реконструирано. Беше рехабилитирано и мултифункционалното игралиште „Касарна“, а, беа обновени и фудбалските игралишта во населените места Миравци, Мрзенци и Прдејци.
- Паралелно работиме и на промоција на спортот и афирмација на Гевгелија како значаен спортски центар, рече Сарамандов. Во текот на летниот период, Гевгелија беше домаќин на Tурнирот за млади кошаркари, на кој учествуваа: Македонија, Црна Гора, Грција и Бугарија. Заради доброто домаќинство, од страна на МКФ ни беше дадена довербата за организација и на двата претквалификациони натпревари за ЕП. Нашата најдобра репрезентација, минатата недела, ги надигра своите противници во преполната спортска сала „26 Април“, а Гевгелија се покажа како одличен домаќин. Гевгелија имаше уште еден спортски настан со меѓународен карактер – АК „7 Ноември“ по вторпат го организираше Седмономеврискиот маратон, со над 1.500 учесници од Македонија, Балканот и пошироко од Европа.
За поголема ангажираност на младите, формирана е Драмска секција за деца, која функционира во Народниот театар-Гевгелија, а младите гитаристи од Гевгелија посетуваат бесплатни часови. Општина Гевгелија обезбеди и бесплатен логопедски третман за деца со проблеми во вербалната комуникација, а, за првпат, доделивме субвенции за велосипеди. Културниот живот во градот и општината во 2022 година, беше збогатен со оранизирање музичка програма за новогодишната ноќ. Исто така, беше организирано „Гевгелиско културно лето“, со над 20 културни настани, кои беа посетени од нашите сограѓани, но и од транзитните туристи. По повод Денот на ослободувањето на Гевгелија- 7 Ноември, имавме богата културно-уметничка програма, со голем број на посетители. Годинава, пожарникарите добија нова опрема, во рамките на проектот на ЈИПР, како резултат на прекуграничната соработка со Република Бугарија, а во соработка со ДЗС добивме нова противпожарна опрема и ново возило кое е веќе во функција во ТППЕ- Гевгелија.
- Покрај реализација на програмските активности, во изминатите 365 дена моравме да бараме решенија заради новонастанатите состојби и наметнати проблеми од енергетската криза, со цел да обезбедиме услови за непречено функционирање на институциите под капата на локалната самоуправа. Како најприоритетна. се наметна потребата за намалување на трошоците за електрична енергија. Беше направена анализа, акциски план и сменето целото улично осветлување со штедливи лед-сијалици. На тој начин, остваривме заштеда на средства, кои подоцна ги пренасочивме за капитални инвестиции.Во следната година, во периодот кој следува, ќе мора, најпрво, да ги ублажиме последиците од енергетската криза, но истовремено да продолжиме со реализацијата на зацртаните проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот на нашите сограѓани, рече на прес-конференцијата градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Одговарајќи на новинарски прашања, Сарамандов посочи дека енормно зголемените трошоци за електрична струја предизвикаа посебно проблеми во ЈПКД „Комуналец“, пред се, поради сметките за струја за функционирањето на водните пумпи. Ако лани ова време сметките биле 13 милиони денари, оваа година тие, заклучно со октомври, изнесуваат 55 милиони денари. Но, со добро менаџирање на овој проблем, не дозволивме никакво исклучување на електричната енергија, како што тоа беше случај во некои други општини, а ЈПКД „Комуналец“ редовно ги испорачуваше своите услуги кон граѓаните, истакна Градоначалникот на општина Гевгелија.
Притоа, информираше посочи дека во Општина Гевгелија, преку Одделението за локален економски развој беа изработени десетина основни проекти, кои се доставени за аплицирање до домашните и меѓународните програми и институции. Дел од нив се веќе одобрени, додека дел се во фаза на апликација. Проектите се засноваат на изнесените потреби и барања од страна на граѓаните, со кои, освен преку реактивираниот Систем 48 часа, комуницирам, рече Сарамандов, преку неделните приемни денови, на средбите со месните заедници, со бизнис-заедницата и НВО секторот, на кои средби заеднички ги нотираме приоритетните проекти кои треба да се остварат.
Што се однесува до соработката со Советот на Општината, Градоначалникот на општина Гевгелија ја оценува како коректна, а во врска со критиките од страна на опозицијата, истакна дека дел од таа критика е добронамерна, но поголемиот дел од тие критики се паушални и дел од политичкиот фолклор. Затоа, велам, дека време е да се издигнеме сите заедно над политиката и да работиме за доброто на сите граѓани на општината, нагласи Андон Сарамандов.
Во својство на актуелен претседател на Советот на градоначалници на Југоисточниот Плански Регион, тој изрази задоволство од работата и од придонесот на сите градоначалници во регионот. Во изминатата година, за реализација на планираните активности и проекти во сите општини на ЈИПР беа издвоени 128 милиони денари. Како резултат на остварените активности, а како успешен регион, добиена е покана Советот на градоначалници на ЈИПР да учествува на Саемот на општини во Барселона, каде ќе бидат разменети меѓусебните искуства на Европските општини.