ООУ „Владо Кантарџиев“ со свечена програма го прослави Патрониот празник
ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија го прослави својот
Патронен празник. Вчера, во Народниот театар- Гевгелија, учениците, подготвени од своите ментори- одделенските наставници и наставниците по македонски јазик, ликовно образование и спорт, пред големиот број публика, ја презентираа богатата мултимедијална програма за чествување на Патрониот празник. Во програмата, беа опфатени активности од сите видови уметност: литература, театар, фолклор, современ танц, ликовна уметност и музика.
Свечената манифестација, на која присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ја отвори директорката на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Ружица Икономова, која во своето обраќање истакна:
- Да се биде дел од Општинското основно училиште „Владо Кантарџиев“ е голема чест, но и огромна одговорност. Низ годините, во текот на воспитно-образовниот процес се создале личности кои денес насекаде гордо го претставуваат нашето училиште како темел во постигнувањето на нивниот успех. Реномето кое го имаме, е резултат на севкупниот ангажман на сите чинители, нашите наставници во пензија, поранешните ученици кои живеат и работат овде и насекаде низ светот и, се разбира, сите вие кои денес сте дел од „Владо Кантарџиев“ – ученици, вработени, родители. Од 2022 година, по наше барање, се промени датумот на Патрониот празник според датумот на раѓањето на Владо Кантарџиев- 18 ноември. Нашето училиште има препознатлив идентитет, со име на млад херој од Гевгелија, борец за слободата на татковината, Химната на Училиштето, авторско дело на наставникот по музичко образование, Крсте Делев, а оваа година и грбот, кој го презентираме денеска.
Притоа, од нејзина страна им беа врачени Плакети на неколку истакнати личности кои го дале својот придонес во развојот на воспитно-образовниот процес и постигнувањата на Училиштето. И тоа, на: Борис Петров, ликовен уметник и долгогодишен просветен работник во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, кој го насликал портретот на Владо Кантарџиев и го отстапил на Училиштето; Катерина Пренда, поранешна ученичка во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, која по моделот на насликаниот портрет го дизајнираше грбот на Училиштето и Ѓорги Новаков, Првенец на генерацијата во учебната 2021/22 година, за постигнувањата на Регионални, Државни и Меѓународни натпревари по природни науки. Исто така, директорката Икономова врачи Плакета и на член од семејството на Кантарџиев, неговата внука.
Денеска, пред спомен-бистата на Владо Кантарџиев, во дворот на Училиштето, вработените и учениците полагаа цвеќе, оддавајќи му почит на Патронот.