Потпишан Договорот за реконструкција на Домот на културата во Моин
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
заедно со директорот на Центарот за развој на ЈИПР, Ѓоко Камчев, го потпишаа Договорот за реконструкција на Домот на културата во Моин. За реализација на проектот, чија вкупна вредност изнесува 13.551.139 денари, од Програмата на Бирото за регионален развој на Општина Гевгелија и се доделени 11.412.761. Општина Гевгелија во реализацијата на проектот ќе учествува со 2.138.378 денари од Буџетот за 2023 година. Средствата ќе бидат наменети, како што е предвидено во договорот, за изведување градежни работи, електрична енергија и уредување на санитарни јазли.
Општина Гевгелија, преку Центарот на ЈИПР, со проектот „Културно богатство- наследство за идните генерации“ за реконструкцијата на Домот на културата во Моин аплицираше до Бирото за регионален развој. На апликацијата и претходеа две форумски сесии организирани од ЈИПР, кои се реализираа во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој- 2 фаза“. На втората форумска сесија, беа утврдени предлог- проекти за прифаќање, како дел од Програмата на МЛС/БРР за рамномерен регионален развој за 2022 година, со индикативно планирани средства за 2023, меѓу кои влезе и предлог-проектот на Општина Гевгелија.
По прифаќањето на Предлог-проектот на Општина Гевгелија од страна на општините кои учествуваа на сесиите, од Советот за развој на ЈИПР беше донесена едногласна Одлука во утврдувањето на Листата на регионални Предлог-проекти за развој на ЈИПР за 2022 година, со индикативно планирани средства за 2023 година да влезе и предлог-проектот на Општина Гевгелија за реконструкција на Домот на културата во Моин.