Предаден во употреба новиот рендген-апарат во ЈЗУ Општа болница- Гевгелија, донација од Јапонската амбасада
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
денеска, оствари работна средба со амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Хиронори Савада, чија посета се должеше во врска со донираниот нов рендген-апарат на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност во Гевгелија, од страна на Јапонската амбасада. На средбата, исто така, стана збор и за можностите за продолжување на соработката. Градоначалникот Сарамандов му посака добредојде на јапонскиот амбасадор, притоа истакнувајќи ја својата благодарност за досегашната поддршка и помош на Општина Гевгелија.
По средбата, гевгелискиот градоначалник, јапонскиот амбасадор и директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност, д-р Митко Крџев, беа во посета на болницата, на Одделението за рендгенологија и радиодијагностика, каде новиот рендген-апарат беше предаден во употреба, со церемонија за комплетирање на GGP- проектот.
- Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од три милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за КОВИД-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со КОВИД-19. Јапонскиот народ му помага и во иднина ќе му помага на македонскиот народ со вакви донации во областа на здравството, образованието и животната средина. Од 1996 година, во овие области се донирани средства во висина од 8,5 милиони евра, рече јапонскиот амбасадор, Хиронори Савада, потенцирајќи го своето задоволство што со новиот рендген-апарат во минатата година, во ЈЗУ Општата болница- Гевгелија, биле направени 4.000 снимања.
- Новиот рендген-апарат ќе придонесе за подобро функционирање на Општата болница во Гевгелија и подобрување на здравствените услуги за граѓаните на општина Гевгелија. Ваквата соработка за нас е мошне значајна, бидејќи на тој начин го зајакнуваме нашето пријателство и градиме мост на солидарност помеѓу двата народи, истакна Сарамандов, уште еднаш изразувајќи ја својата благодарност до јапонскиот амбасадор за донацијата.
Исто така, и директорот на Општата болница, д-р Митко Крџев, во свое име, како и во име на целокупниот персонал на болницата, изрази благодарност по повод овој хуман гест, донирањето на современиот дигитален рендген-апарат, кој многу ќе придонесе за зголемување на безбедноста и благосостојбата на пациентите преку навремено дијагностицирање. Притоа, началникот на Одделението за рендгенологија и радиодијагностика, д-р Нако Поп Ристов, истакна дека рендген-апаратот овозможи правење квалитетни снимки, со што, во време на КОВИД-кризата, пациентите добиваа навремена и прецизна дијагностика.