Граѓанско учество во креирање на Општинскиот буџет за 2023 година
Започнуваат активностите за креирање на
Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година. Годинава, во подготвување на буџетската рамка на општината за 2023 година, непосредно ќе бидат вклучени и граѓаните. За таа цел, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, информираше дека овој и претстојниот викенд (3 и 4, и 10 и 11 декември, 2022 година) ќе бидат отворени викенди за давање предлози и идеи од граѓаните за развојот на Општина Гевгелија во идната година. Предлозите ќе се доставуваат во Општина Гевгелија, во периодот од 11:00 до 14:00 часот.
Целта e да се наметнат нови принципи и пракса за поголемо учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво, како и подигање на транспарентноста на локална самоуправа.
Исто така, Општина Гевгелија изработи и веб-платформа за граѓанско учество во креирањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, која наскоро ќе биде пуштена во употреба. Граѓаните од општина Гевгелија ќе можат да учествуваат во креирањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година со пополнување на електронски анкетен прашалник, кој се состои од податоци за учесникот во анкетата и наведување предлози за одредена област, во надлежност на Општина Гевгелија. Евидентираните предлози од средбите со граѓаните и анкетата ќе бидат разгледани и вклучени во постапката за креирање на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година.