Пресечена црвената лента за предавање во употреба на реновираниот објект на Црвен крст- ОО Гевгелија
Во присуство на градоначалникот на општина Гевгелија,
Андон Сарамандов, генералниот секретар и претседателот на Црвен крст на Македонија, Саит Саити и Ромел Велев, како и многубројните гости, на свечениот настан, вчера, беше предаден во употреба реновираниот објект на Црвен крст- ОО Гевгелија. Со пресекувањето на црвената лента од страна на претседателот на Црвен крст на Македонија, Ромел Велев, секретарот на Црвен крст- ОО Гевгелија, Лазар Мешков и градоначалникот Сарамандов, беше одбележано пуштањето во употреба на новото здание на објектот на хумантираната организација во Гевгелија.
Во обраќањето кон присутните, секретарот на ООЦК Гевгелија, Мешков, истакна дека со пуштањето во употреба на реновираниот објект започнува ново поглавје во работењето на гевгелискиот Црвен крст, со тоа што се обезбедени сите потребни услови за непречено функционирање и остварување на мисијата на Црвениот крст- обезбедувањето хуманитарни услуги за ранливото население. Потенцирајќи дека во годината што изминува со преку 4.000 волонтерски часови и реализирани 11 крводарителски акции, на кои беа собрани 700 единици крв, ОО на Црвен крст Гевгелија уште еднаш покажа дека со добар тим и тимски дух работеше во служба на сите граѓани на Општина Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање истакна:
- Точно пред една година, кога почнав да ја извршувам функцијата Градоначалник на Општина Гевгелија, бев во посета на старите простории на Црвен Крст во Гевгелија. Тогаш се роди идејата на членовите на Црвен Крст-Гевгелија за реконструкција на старите простории. Денес, идејата на членовите на Црвен крст е реализирана и имаат простории со нов лик. Важноста на овој нов објект е од големо значење, бидејќи ќе ја подобри функционалноста на Црвениот Крст, а со тоа, се овозможува Гевгелија да се гради како општествено одговорен и хуман град.
Црвен Крст- Гевгелија полека прераснува во лидер на југоистокот и пример за општествена организација. Со многу работа и труд, направивте гевгеличани да се гордеат со вашите хумани дела. Во годината која изминува, Општина Гевгелија реализираше повеќе активности заедно со Црвен Крст- Гевгелија, а верувам и неопходно е соработката да продолжи и во иднина за доброто на сите сограѓани, упатувајќи честитки до генералниот секретар, проф. д-р Саит Саити и раководството и членовите на Црвен крст- Гевгелија за ентузијазмот и нивната упорност што придонесе за реализација на нивната идеја.