Промовирана платформата на Општина Гевгелија за туристичките потенцијали
Општина Гевгелија ја промовираше платформата за
туристичките потенцијали пред туристичките чинители од општината. Промоцијата е дел од Кампањата за утврдување и афирмација на туристичкиот идентитет на општината, како основа за поголема искористеност на туристичките потенцијали и поврзаност на туристичките чинители. На презентацијата, беа промовирани резултатите од првата фаза од креирањето на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија. На утврдувањето на туристичкиот идентитет, во кој учествуваа туристичките чинители во Гевгелија, му претходеа целосно истражување, неколку креативни сесии, а беше изготвена и SWOT анализа. Целиот процес беше заокружен со изборот на слганот GEVGELIJA - SPICE UP THE JOURNEY, односно „Зачини го патешествието“, како заштитен знак на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија.
- Во оваа фаза беа вклучени повеќе чинители во туризмот во општина Гевгелија, туристичко- угостителски работници, хотелиери, претставници на здруженија и асоцијации на туристички работници. Бидејќи целта на проектот е мрежно поврзување на сите чинители во туризмот, за проширување и збогатување на туристичката понуда, преку поголема искористеност на компаративните предности, но и излегување во пресрет на потребите на туристите, рече Марија Костадинова, координатор на проектот во Општина Гевгелија, која ги презентираше областите и активностите, од кои произлегуваат туристичките потенцијали на општина Гевгелија.
„АВАНТУРИ ВО ПРИРОДА“ е првиот потенцијал, кој има за цел да ги промовира природните богатства, пред се, нашиот прекрасен Кожуф и сите речни текови, преку планинарење, планински велосипедизам, параглајдерство, лов, риболов и други активности во природа, кои според истражувањето, досега се недоволно промовирани и искористени. Вториот потенцијал „ЗАБАВА И ВОЗБУДА“ има за цел да го промовира казинотуризмот во Гевгелија, но и сите други активности за забава и возбуда, како кафулиња, дискотеки, настани и културни манифестации. „СЕНЗАЦИОНАЛНИ ВКУСОВИ” ги собра сите вкусови и мириси како значаен туристички потенцијал, традиционалната и богата кујна, што ја нудат локалните ресторани, кои се надалеку познати, па, дури и во Балкански рамки и локалните винарии и дестилерии, кои нудат квалитетни вина, ракија и мастика од гевгелиското виногорје. Бројноста пак на стоматолошките ординации, термалните наоѓалишта и веќе постојните спа-центри во хотелите ја сочинуваат „ЗДРАВЈЕ И УБАВИНА“, како туристички потенцијал во подем. Последната област - „ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ПОТЕКЛОТО“ се заснова на вредните археолошки локалитети на територијата на општина Гевгелија, прекрасните села и стари цркви, но и културните знаменитости. Нивната афирмација и внесување во туристичката мапа на Општина Гевгелија се од посебен интерес за туристите.
- Од изготвената комуникациска стратегија произлегоа повеќе креативни решенија за изработка на билборди, стикери, маици со слоганот Spice up the journey, флаери на 3 јазици за сите туристички потенцијали, а промотивниот флаер, кој е во печат, ќе се дели на граничниот премин Богородица, веќе следната туристичка сезона. Отворени се фан- страници на социјалните мрежи Facebook и Instagram, изработени се и 5 кратки промотивни видеа за сите компаративни погодности и туристички потенцијали, како и едно генерално видео за промоција на вкупната туристичка понуда на Општина Гевгелија, видео за промоција на туристичките потенцијали, а пуштена е во употреба и официјалната веб-страница за промоција на туризмот на Општина Гевгелија.
- Веб- страницата има за цел да ги промовира сите постоечки и идни туристички потенцијали, ќе биде конекција помеѓу туристите и нашите туристички чинители, помеѓу туристите и природата, забавата, здравјето, историјата и, секако, прекрасните вкусови и мириси на нашата општина. Оваа платформа е наменета за промоција на туристичките потенцијали, но, пред сè, и за поддршка на сите наши сограѓани, кои се вклучени во туристичкиот сектор или се од значење за збогатување на туристичката понуда на Општина Гевгелија, истакна Марија Костадинова.