Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година проектиран на 496 милиони денари
Советот на Општина Гевгелија, на денешната 20. седница,
со мнозинство гласови го усвои Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година. Нацрт-Буџетот за следната година е проектиран на 496.664.933 денари. Додека, вкупните приходи на Основниот буџет за 2023 година се проектирани во висина од 203.681.049 денари. Во Основниот буџет, капиталните приходи учествуваат со 9,65% или 19.650.000 денари, додека во билансот на расходи, капиталните расходи со 25,42% или 51.785.315 денари.
Во расправата по Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, учествуваа повеќе членови на Советот на Општината, давајќи конкретни предлози, забелешки и идеи за дополнување на Нацрт-Буџетот. Притоа, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, апелираше до членовите на Советот на Општина Гевгелија изнесените предлози да бидат поднесени во писмена форма за разгледување и вметнување во Нацрт-Буџетот, кој ќе биде на јавна расправа до наредната седница.
- По отворените викенд-средби со граѓаните, од утре, а во рамките на јавната расправа, започнуваат и средбите со Месните заедници за евидентирање на нивните предлози во Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година. По јавната расправа, се очекува Предлог-Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, пред крајот на годината, повторно да се најде пред советниците за конечно усвојување, информираше градоначалникот на Општина Гевгелија.
Покрај отворените викенд-средби и средби во Месните заедници, граѓаните можат да учествуваат во креирањето на буџетската рамка на Општина Гевгелија во идната година и преку веб-платформата за граѓанско учество. Сите предлози, сугестии и забелешки ќе бидат разгледани и вградени во Предлог-Буџетот на општина Гевгелија за 2023 година, пред неговото конечно усвојување од страна на Советот на Општина Гевгелија.