Зголемени финансиските приходи на Општина Гевгелија од сопствени извори
Општина Гевгелија, во изминатиот период, оствари
резултати во зголемувањето на сопствените приходи, беше констатирано на денешната средба на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и претставници на општинската администрација со координаторите на Проектот на УСАИД за зајакнување на ресурсите, за презентација на резултатите постигнати од парнерството во периодот од мај, 2021 година до декември, 2022 година. Имено, врз основа на техничката поддршка во рамки на Проектот, Општина Гевгелија ги оствари следниве резултати: зголемена наплата на приходи од сопствени извори за над 18% и зголемена наплата на данокот на имот за 20,42%, подготвен извештај со препораки за подобрување на организациските капацитети за администрирање на локалните даноци, зголемен капацитет на Одделението за локални даноци и такси за ажурирање на базата на податоци за данок на имот, информирање на даночните обврзници за плаќањето на данокот на имот преку едукативната кампања: „Мој данок за мојата општина“, објавена на веб-страницата на Општина Гевгелија, усвоен План за локален економски развој од Советот на Општина Гевгелија, подготвена процедура за поделба на должностите во процесот на трошење буџетски средства, подобрен индексот на активна транспарентност на Општина Гевгелија во 2022 година (92,9 од можни 100) и високи 11 индекс- поени за буџетска транспарентност за 2021/2022 година.
Сето ова се должи на преземените 23 активности: oрганизација на обуки за општинската администрација, менторски средби и тематски настани за унапредување на капацитетите за диверзификација, планирање и наплата на приходите од сопствени извори, надградување на софтверот за данок на имот со дополнителни оперативни модули, подобрување на капацитети за подготовка на успешни апликации за проекти согласно Прирачникот за подготовка и спроведување проекти во ЕЛС во 7 чекори и преку менторски средби, учество на работилници и обуки, унапредување на буџетското планирање и извршување и родово-одговорно буџетирање согласно Прирачникот за буџетирање во ЕЛС во 7 чекори и преку учество на менторски средби и учество на работилници и обуки, унапредување на внатрешната ревизија согласно Водичот за внатрешна ревизија, стекнување основни знаења за мерење на успешноста во управувањето со јавните финасии согласно утврдени индикатори, унапредување на транспарентноста на локално ниво согласно Кодексот за транспарентност на локално ниво и придобивки од користење иновативни дигитални алатки за граѓанско ниво.
Имено, Општина Гевгелија е една од 15. партнер-општини во првата група, која е вклучена во Пректот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, кој има за цел да им помогне на единиците на локалните самоуправи да ги зголемат приходите од сопствени извори, да обезбедат поголемо надворешно финансирање, да ја зголемат стапката на реализација на буџетот и да го унапредат извршувањето на децентрализираните надлежности.