12.500.000 денари за поддршка на спортските активности во 2023 година
Општина Гевгелија со 12.500.000 денари буџетски средства,
годинава, ќе ги поддржи спортските активности, проекти и манифестации на подрачјето на Општина Гевгелија. Преку Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2023 година, која Советот на Општина Гевгелија ја усвои на 23. седница, ќе бидат поддржани 36 физички и правни лица за вршење дејност спорт на подрачјето на општина Гевгелија. Имено, од страна на Општина Гевгелија ќе бидат поддржани традиционалните спортски активности и манифестации како: Седмоноемвриската трка, Меморијалниот турнир во мал фудбал „Мирче Костов“- Богородица, Меморијалниот турнир во мал фудбал „КМФ Миравци“, спортското дефиле „Гевгелија на точак“, планинарските маршеви на двете планинарски друштва „Кожуф“ и „Двете уши“, натпреварите на ФК „Кожуф“ и КК „Кожув“, како и други активности од областа на спортот на спортисти поединци.
За финансирање на спортските активности опфатени во Програмата од вкупната сума се предвидени 12.000.000 денари, а останатите 500.000 денари се резервирани за дополнителни активности кои не се опфатени со оваа програма, а ќе се појават во текот на 2023 година и се од општ интерес за општината, за што Советот на Општината ќе изврши дополнување на истата.
За подготовката на Програмата за финансирање на спортските активности, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, распиша Јавен конкурс, на кој со апликации за финансиска поддршка учествуваа 40 физички и правни лица, од кои 36 ќе добијат средства од Општинскиот буџет, по поднесеното барање за исплата на одобрените средства за реализација на своите активности од областа на спортот.