Со четири проекти, Општина Гевгелија ќе аплицира на Јавниот повик за доделување средства од Бирото за регионален развој
Општина Гевгелија на објавениот Јавен повик на
Бирото за регионален развој за доделување средства финансирање проекти за за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој, развој на подрачјата со специфични развојни потреби и за развој на селата од Програмата за рамномерен регионален развој со индикативно планирани средства за 2024 година ќе аплицира со 4 предлог-проекти. И тоа: „Реновирање и адаптација на сместувачки објект во сопственост на Општина Гевгелија на локалитетот Смрдлива Вода“, Проект за поставување урбана опрема за детски игралишта во селата Ново Конско, Кованец и Мрзенци и „Поставување урбана опрема- контејнери и канти за рециклирање отпад во градот Гевгелија“. Преку Проектот на Центарот за развој на ЈИПР, „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот Регион“, Општина Гевгелија ќе аплицира со потпроект: „Реконструкција на спортски центар „Партизан“- Гевгелија“.
За таа цел, Советот на Општина Гевгелија, на денешната 24. (вонредна) седница, донесе Одлуки за обезбедување средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година за реализација на овие проекти. Со донесените одлуки на денешната седница на Советот на Oпштина Гевгелија, Општина Гевгелија ги прифати предусловите за кофинансирање на проектите. Доколку бидат одобрени, локалната самоуправа ќе учествува со 20% кофинансирање од вкупната вредност на проектот: „Реновирање и адаптација на сместувачки објект во сопственосот на Општина Гевгелија на локалитетот Смрдлива Вода, односно со 2.456.500 денари. За поставување урбана опрема за детски игралишта во селата Ново Конско, Кованец и Мрзенци ќе се обезбедат средства во висина од 2.000.000 денари или 50% од вкупната вредност на проектот. 1.200.000 денари или 30% од вкупната вредност ќе се обезбедат за поставување урбана опрема- контејнери и канти за рециклирање отпад во градот Гевгелија, додека сопственото учество на Општина Гевгелија за реконструкцијата на спортски центар „Партизан“ ќе изнесува 7.776.400 денари.
Исто така, на денешната 24. (вонредна седница), Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука за измена на минатогодишната Одлука за сопственото учество на Општина Гевгелија во реализацијата на проект: „Реконструкција на Младински дом во село Богородица, општина Гевгелија“. Имено, за реализацијата на овој проект, Бирото за рамномерен развој одобри 6.000.000 денари, поради што сопственото учество на Општина Гевгелија од 2.224.234 денари се зголемува за 2.000.000 денари и изнесува 4.224.234 денари.