Во услови на економска криза, реализирани повеќе проекти и активности од интерс на граѓаните
На последната 25. седница на Советот на Општина Гевгелија,
градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ги информираше членовите на Советот за неговата работа во 2023 година. Во излагањето, накратно се осврна на преземените мерки, активности и обезбедувањето услови за работа и функционирање на Општина Гевгелија, согласно надлежностите на локалната самоуправа и законските одредби, а во интерес на граѓаните.
- Општина Гевгелија во текот на 2022 година своите надлежности ги остваруваше во значително влошени услови поради енергетско-економската криза. Затоа и приоритет беше даден на активностите за намалување на трошоците и заштеда на електрична енергија во мрежата на јавното улично осветлување. Секако, и за обезбедување услови за работа и функционирање на Општина Гевгелија и локалните институции, согласно надлежностите на локалната самоуправа. Паралелно се настојуваше преку рационално работење, дополнително ангажирање и конкретни мерки и активности да се обезбеди стабилна финансиска состојба во Општината. Секако, и непречено извршување на своите надлежности од страна на локалната самоуправа во сите сфери на општественото живеење, а согласно пропишаните законски одредби, истакна Сарамандов.
- Покрај ова, беа обезбедени услови и изнајдени можности за реализација на повеќе проекти и активности, кои се од посебно значење и во интерес за граѓаните. Минатата година, почна реализацијата на неколку капитални проекти, но и инфраструктурни зафати кои придонесоа за подобрување на условите за живеење, како во Гевгелија, така и во населените места. За сите реализирани активности и проекти, спроведените иницијативи и организираните акции, од посебно значење беше ангажирањето и поддршката од општинската администрација. За подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните придонесе и остварената соработката со Советот на Општина Гевгелија, посебно настојувањата во практика да се спроведе заедничката заложба за ублажување на последиците од енергетската и финансиската криза. Но, и навременото донесување на потребните акти, кои и овозможија на Општина Гевгелија да ги реализира планираните активности и проекти.
Според Градоначалникот на Општина Гевгелија, реализацијата на Основниот буџет во 2022 година, во значително влошени економско-енергетски услови, е повеќе од успешна. Зголемените буџетски приходи овозможија финансиска стабилност на општината, што е основен предуслов за исполнување на надлежностите на локалната самоуправа. Минатата година, стартуваше изградбата на атмосферската канализација во Гевгелија, Негорци и Прдејци добија квалитетна вода за пиење, а во завршна фаза е новата водоводна линија за Богородица. Изграден е и пуштен во употреба Младинскиот дом во Прдејци, а со сопствени средства започна реконструкцијата на стариот објект на „Винојуг“ во Богородица и изградбата на стационарот за бездомни животни. Реконструирани и обновени се повеќе спортско-рекреативни терени во Општината, изградени се улицата од Милци до граничниот премин „Богородица“ и улицата во стопанската зона „Блокотехна“, додека во повеќе населени места беа бетонирани и асфалтирани помали улици. Изминатава година, приоритет беше даден на изработката на проекти, со кои аплициравме до повеќе домашни и меѓународни фондови. Станува збор за проекти во вкупна вредност од 148.056.865 денари, кои ќе го поттикнат развојот на социјалните услуги, модернизација на стручното образование, подобрување на просторните услови во детските и културните установи. Посебно значајна беше туристичката промоција на општината, како и креирањето на туристичкиот идентитет на општина Гевгелија. Исполнета е и обврската за формирање на Локалниот младински совет, кој веќе започна со своите активности за креирање на подобри младински политики во нашата општина. Организирани се обуки за најмладите во областа на драмската и ликовната уметност, музиката, литературата, а воведен е и бесплатнен логопетски третман за деца со проблеми во вербалната комуникација. Заштитата на животната средина се манифестираше со профункционирање на Времената депонија и конечното финиширање на затворање на дивата депонија кај Сува Река. Стартуваше пилот проектот за рециклирање на комуналниот отпад во секое домаќинство, исто така, се обновија и дел од зелените површини, информираше градоначалникот Сарамандов.
- Верувам дека во 2023 година со стабилизација на кризата, ќе оствариме уште подобри резултати, а тоа ќе биде најдобра гаранција за спроведување на планираните активности во интерес на граѓаните. И во наредниот период, нашата цел ќе биде да ги искористиме сите компаративни предности кои како општина ги имаме на располагање, да создадеме современа инфраструктура, со што ќе овозможиме услови за нови инвестициски можности за одржлив економски развој на Општина Гевгелија, порача градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, пред советниците на последната седница на Советот на Општина Гевгелија.