Склучен Меморандум за соработка помеѓу Општина Гевгелија и ФТБЛ- Гевгелија на 14. Гастрономска изложба
На летната тераса на хотел „Аполонија“- Гевгелија се одржа
14. по ред „Гастрономска изложба 2023“ во организација на Факултетот за туризам и бизнис- логистика во Гевгелија при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Покрај долгогодишните соработници кои дале свој придонес во реализацијата на „Гастрономската изложба“, на кои од страна на деканот на ФТБЛ во Гевгелија, проф. д-р Татјана Бошков, им беа врачени признанија, на настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Сарамандов и Бошков потпишаа Меморандум за заемна соработка помеѓу Општина Гевгелија и ФТБЛ во насока на поддршка на развојни проекти за унапредување на образованието на младите, локалната заедница и економскиот развој.
На традиционалната „Гастрономска изложба“ на ФТБЛ се презентираше традиционална храна подготвена на модерен начин, бизнис-идеја за развој на културниот туризам или друг вид туризам, фотографии на стари традиционални јадења и стари предмети, артефакти и традиционални носии од регионот и државата. Во кои активности учествуваат студентите на организирани работилници, пред одржувањето на изложбата, со цел поттикнување на развојот на специфичните форми за развој на туризмот во општина Гевгелија, со посебен осврт на културниот туризам и традицијата. Настанот беше збогатен со настапите на Ансамбл „Бојмија“ и Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија.
14. по ред „Гастрономска изложба“ на ФТБЛ во Гевгелија е поддржана од Општина Гевгелија преку Програмата за финансиска поддршка на активностите од областа на културата за 2023 година.